Деталите од проценките на двете институции во однос на безбедноста на Груби, како што информираат од Обвинителството, биле презентирани пред судијата на претходна постапка кој одлучувал по предлогот на ОЈО Скопје на поранешниот прв вицепремиер затворскиот да му биде заменет со куќен притвор
Од Јавното обвинителство велат дека го разбираат интересот на јавноста за овој предмет, но апелираат за воздржаност во коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска преку писмено соопштение одговори на реакциите што во јавноста ги предизвика одлуката на Артан Груби ефективниот да му биде заменет со куќен притвор, објаснувајќи ги причините за предлогот што дојде од надлежниот обвинител, а беше прифатен од Кривичниот суд.
Велат дека за таквата одлука биле исполнети специфичните услови, односно дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение не може да се гарантира безбедноста на Артан Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка.

„Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот ‘Државна лотарија’, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Инаку, од Обвинителството, на почетокот на соопштението, посочуваат дека како единствен и самостоен орган во сите случаи се водат исклучиво од законите основи.
Оттаму, во продолжение, наведуваат дека за нив како истражен орган од исклучителна важност е што поранешен прв вицепремиер осомничен во предметот „Државна лотарија“ е обезбеден и што за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик.
За Груби, како што додаваат од Обвинителството, била спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголем дел од доказите, во кои одбраната веќе врши увид.
Повторувајќи дека надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со закон, од Јавното обвинителство велат дека го разбираат интересот на јавноста за овој предмет, но апелираат за воздржаност во коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка.
Од ненадејното појавување на Граничниот премин „Блаце“ вчера наутро во 6:10 часот, до доцна вечерта кога Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека судија на претходна постапка по сослушувањето на Артан Груби донел решение со кое го прифатил предлогот на јавниот обвинител и одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување на неговото присуство, во јавноста и меѓу политичките партии не стивнуваат реакциите во врска со случувањата поврзани со поранешниот прв вицепремиер од редовите на ДУИ.
Груби во земјава реши да се врати по повеќе од една година бегство надвор од државата. Првично кога избега нему му беше одредена мерка притвор, поради што вчера утро веднаш по појавувањето на ГП „Блаце“ беше спроведен во затворот „Скопје“.
На барање на Обвинителството потоа тој беше однесен на распит во Основното јавно обвинителство Скопје, каде, на негово барање почнал со увид во доказниот материјал.

Во меѓувреме, како што информираа вчера од Кривичен, неговата одбрана доставила предлог за земена на мерката притвор со поблага мерка за обезбедување присуство, за што позитивно мислење дал и надлежниот јавен обвинител од ОЈО Скопје. Дополнително од Обвинителството до Кривичниот суд доставиле и свој предлог на Груби да му биде заменета мерката притвор со куќен притвор, а како причина ги навеле причините на кои од Обвинителството се осврнуваат и во денешното соопштение.
Груби е второосомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот. И тој и Груби се товарат за кривичното дело проневера во службата, со кое предизвикале штета од 8,1 милион евра на акционерското друштво во државна сопственост.
Во меѓувреме не стивнуваат меѓусебните обвинувања меѓу опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија и владејачката ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Кривичниот суд да го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје.
Од „Бихаќка“ го повторуваат ставот дека вчерашните случувања поврзани до Груби се однапред договорени и режирани од ВМРО-ДПМНЕ и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), а сега се реализираат пред очите на јавноста.
На наводите од опозициската партија реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека го разбираат револтот на граѓаните од одлуката, но, според нив, тој се должи на состојбите во правосудниот систем што зад себе ги оставило седумгодишното владеење на СДСМ и ДУИ.
