Украинскиот претседател ги покажа долгите ходници и канцеларии на бункерот каде што тој и стотици негови соработници одржуваа дневни воени брифинзи, водеа телефонски разговори и бараа решенија во текот на изминатите четири години
„Нашиот народ не го крена белото знаме, туку го бранеше сино-жолтото. А окупаторите, кои мислеа дека тука ќе бидат пречекани со цвеќе, наместо тоа, видоа редици пред регрутните центри. Нашиот народ избра отпор“, вели тој
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска објави видеопорака по повод четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина, во која даде потсетување на првите денови од војната, им оддаде почит на жртвите, но даде и поддршка за силата на украинските војници и за целата нација.
Во видеото, тој ја покажа и внатрешноста на бункерот на улицата „Банкова“ во Киев, од каде што во првите денови од војната им се обрати на светските лидери и побара оружје.

„Драги Украинци, денеска е денот на кој пред точно четири години Путин ја започна својата тридневна кампања кон Киев. Тоа кажува многу за нашиот отпор и за тоа како Украина се бореше цело време. Зад овие зборови стојат милиони наши луѓе. Зад овие зборови стои огромна храброст, неверојатно напорна работа, издржливост и долг пат по кој се движи Украина оттогаш, па досега“,
рече Зеленски на почетокот од пораката.
Тој денеска ги пречека европските лидери, вклучително и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Киев по повод четиригодишнината од почетокот на руска инвазија на 24 февруари 2022 година.
Според него, ако се погледне наназад кон почетокот на инвазијата и размислувајќи за денешниот ден, Украинците имаат целосно право да кажат дека ја одбраниле независноста и не ја изгубиле државноста.
„Путин не ги постигна своите цели. Тој не ги скрши Украинците, тој не ја доби оваа војна. Ние ја зачувавме Украина и ќе направиме сè за да обезбедиме мир и правда. Слава на Украина!“,
рече тој.
Today marks exactly four years since Putin started his three-day push to take Kyiv. And that says a great deal about our resistance, about how Ukraine has fought all this time. Behind those words stand millions of our people, immense courage, incredibly hard work, endurance, and… pic.twitter.com/9qiqACurhx
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 24, 2026
Посочи дека Украина нема да ги предаде жртвите што ги направил нејзиниот народ во потрага по мир.
„Нашиот народ не го крена белото знаме, туку го бранеше сино-жолтото. А окупаторите, кои мислеа дека тука ќе бидат пречекани со цвеќе, наместо тоа, видоа редици пред регрутните центри. Нашиот народ избра отпор“,
кажа Зеленски.
Во видеото, Зеленски ги покажа долгите ходници и канцеларии на бункерот каде што тој и стотици негови соработници одржуваа дневни воени брифинзи, водеа телефонски разговори и бараа решенија во текот на изминатите четири години.
„Нашите воини останаа цврсти, а цивилите ги бранеа градовите и селата, улиците и дворовите. Обичните луѓе буквално формираа живи ѕидови, ги запираа конвоите со воени возила и заедно ѝ го покажаа на заблудената Русија единствениот правилен пат“,
кажа тој, присетувајќи се на првите денови од војната.
Потсетување на руските злосторства
Зеленски се присети и на првите жртви на руската агресија во Буча, Ирпиње, Бороданка, Мариупол и други градови, на масовните гробници, но и на нападите врз станбени згради и породилишта.
„Украинците ова нема да го заборават. Нека овие видеа ги видат сите што немаат каење, сите што сè уште му подаваат рака на руското зло и што сè уште купуваат нафта од Путин“,
рече украински претседател.
Според него, Украина поминала долг пат, потпирајќи се на донирани панцири до напредни системи како што се борбените авиони „Патриот“, „Ирис-Т“, „НАСАМС“ и „Ф-16“, но и на сопствено оружје со долг дострел.
Украина денеска, додава тој, произведува повеќе од три милиони беспилотни летала годишно, може да собори стотици беспилотни летала „Шахед“ за само една ноќ и е способна да спроведува операции од големи размери како што се „Пајажина“ и таа во Курската Област.
Почит за паднатите украински бранители
Во видеото, Зеленски им оддаде почит и на паднатите украински бранители.
„Драги луѓе, силата што нè одржуваше сите овие години сте вие. Нашиот народ. Нашиот отпор сте вие. Украински мажи. Украински жени. Сите оние што не се откажуваат. Нашите очи можеби се уморни, но грбот не ни е скршен. Сакам да им се заблагодарам на сите што ја носат независноста на своите рамена. На секој воин за неговата сила. На вашите родители, вашите деца, вашите сопруги и сопрузи за нивната издржливост“,
рече тој.
Украина, како што додаде, се соочува со најтешката зима во историјата, но и понатаму ќе направат сè за да обезбедат мир и правда.
„Сакаме мир. Силен, достоинствен, траен мир“,
заклучи Зеленски.
