Инспекторатот утврди нерегуларности во чувањето на отпадот со тешки метали
Најлонска покривка е поставена врз мал дел од искинатите и оштетени вреќи со филтерска прашина, складирани на плац зад челичарницата „Макстил.“ Ова доаѓа по вонредниот инспекциски надзор што го изврши Државниот инспекторат за животна средина, кој утврдил дека овој опасен отпад се чува несоодветно, со што претставува ризик за животната средина, пишува „Призма“.

Иако во инспекциското решение пишува дека прашината од оштетените вреќи треба да се препакува, на теренот сега се гледа дека тие се само покриени. Инспекторатот дал рок од три месеци, за од „Макстил“ да ги препакуваат и покријат сите вреќи што се чуваат на отворено.
БИРН минатата недела објави дека тони опасна прашина се разлева во кругот на поранешната Железарница, бидејќи многу од џамбо вреќите во кои се пакува се отворени или искинати, а од некои материјалот е истурен надвор.
Од компанијата ни одговорија дека нивните мерења не покажале зголемено загадување поради оваа состојба, но експертите што ги консултиравме предупредија дека постои голем ризик за воздухот, почвата и за водите.
Филтерската прашина се добива од топењето старо железо при производството на челик, а е опасна бидејќи содржи цинк и други тешки метали. Филтерот од електричната лачна печка служи за да го спречи нивното ширење низ воздухот во Скопје, и наместо тоа, овој материјал се пакува во големи џамбо вреќи.
Според условите во А-интегрираната еколошка дозвола што му е издадена на „Макстил“, тие треба да бидат добро затворени.
Целиот текст прочитајте го тука.
