На четиригодишнината од оваа војна, европските лидери ќе заминат во Украина за да ја изразат својата солидарност со земјата
Во посета на Украина денеска е и првиот заменик-претседател на македонската влада и министер за европски прашања, Беким Сали, a посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина

Пред четири години Русија ја нападна Украина започнувајќи ја најголемата војна на европско тло од 1945 година.
Руските сили влегоа во Украина од повеќе правци, од територијата на Русија, Белорусија и окупираниот Крим, брзо напредувајќи кон главниот град Киев и други поголеми градови. Иако руската агресија трае од 2014 година, инвазијата во февруари 2022 година ја означи нејзината најразорна и најобемна фаза.
Руската инвазија на Украина предизвика речиси два милиони воени жртви – убиени, ранети или исчезнати – меѓу двете земји, според студија објавена од Центарот за стратешки и меѓународни студии, американски тинк-тенк, а која ја пренесува „Гардијан“.
Силите на Москва, како што се вели во студијата, го понеле најголемиот товар на загубите, со дури 325 000 убиени од вкупно 1,2 милиони погодени од почетокот на војната пред четири години.
Украинските сили, исто така, претрпеле големи загуби – помеѓу 500 000 и 600 000, од кои помеѓу 100 000 и 140 000 се убиени – од февруари 2022 година до декември 2025 година.
„Комбинираните руски и украински жртви може да достигнат дури 1,8 милиони или два милиони жртви до пролетта 2026 година“,
соопшти Центарот.
Набљудувачите на ОН велат дека цивилните жртви достигнале речиси 15 000 потврдени смртни случаи од 2022 година, но дека вистинскиот вкупен број „веројатно е значително поголем“.
Додека Украинците издржуваат една од најтешките зими досега, како што пишува Би-би-си во својата анализа, постои огромно чувство на замор што оваа војна се влече, но исто така и мрачна решеност да не се бара мир по секоја цена.
Треба да се одржи уште една рунда разговори – веројатно во четврток во Женева – но малкумина овде се оптимисти за брз пробив.
Денеска настани за одбележување на инвазијата и нејзините непосредни последици се планирани на места како што е Буча, каде што руските војници убија голем број украински цивили.
На четиригодишнината од оваа војна, европските лидери ќе заминат во Украина за да ја изразат својата солидарност со земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Советот, Антонио Кошта, се очекуваат во Киев денеска.
Двајцата шефови на ЕУ треба да присуствуваат на комеморативна церемонија со неколку европски лидери.
Тие, исто така, планираат да посетат локации оштетени од воздушната кампања на Русија против енергетската инфраструктура на Украина.
Во посета на Украина денеска е и првиот заменик-претседател на македонската влада и министер за европски прашања, Беким Сали.
Во рамките на посетата, министерот Сали ќе учествува на заедничка комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина и ќе оствари повеќе средби со високи претставници на украинските институции, задолжени за европската и евроатлантската интеграција.
Од Министерството за европски прашања велат дека посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина.
Сепак, посетата на европските политичари е засенета од блокирањето на новите санкции против Русија од страна на Унгарија и Словачка.
Унгарија вчера стави вето на пакетот за поддршка на ЕУ од 90 милијарди евра за Украина, од кои 60 милијарди евра се наменети специјално за нејзина одбрана од рускиот напад.
Двете земји се сметаат за земји членки на ЕУ кои имаат најблиски односи со Москва.
На меѓународно ниво, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер организираат видеоконференција на таканаречената Коалиција на подготвените, во која е вклучена и Германија, за да ја одбележат годишнината.
Во Германија, претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул ќе ја одбележат војната и илјадниците мртви и повредени на молитвена служба за мир во Француската катедрала во Берлин.
