Во повеќе сојузни држави на Мексико избувнаа немири откако во безбедносна операција на мексиканските специјални сили беше убиен водачот на еден од најмоќните наркокартели во Мексико, Немесио Осегера Сервантес, познат по прекарот Ел Менчо
Македонските државјани кои се во Мексико во прва безбедна пригода да ја напуштат државата поради влошената безбедносна состојба – апелира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Дополнително, МНР препорачува доколку немаат итна потреба, граѓаните да не патуваат во Мексико.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС-дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected] и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на РСМ во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected]“,
велат од МНР и додаваат дека во континуитет ја следат состојбата.
Во повеќе сојузни држави на Мексико избувнаа немири откако во безбедносна операција на мексиканските специјални сили беше убиен водачот на еден од најмоќните наркокартели во Мексико, Немесио Осегера Сервантес, познат по прекарот Ел Менчо. Водачот на картелот „Нова генерација Халиско“ и еден од најбараните наркобосови, беше ранет во судирите меѓу неговите поддржувачи и војската, а почина на летот за Мексико Сити.
Како одговор на убиството на својот водач, припадниците на картелот „Нова генерација Халиско“ започнаа бран насилство во осум мексикански држави, палејќи автомобили, поставувајќи блокади на патиштата и напаѓајќи безбедносни сили.
