Директорот Бобан Утковски додава дека како дел од редовната процедура Груби бил прашан дали можеби не се чувствува безбедно поради некој друг од притворените, и според одговорот што го добил, донел одлука да го смести со уште едно друго лице
Засега нема информација дека одбраната на Груби побарала укинување на мерката притвор или нејзино преиначување во поблага мерка за обезбедување негово присуство, што не треба да се исклучи со оглед на тоа што ексвицепремиерот самиот се врати во земјава

Од утринава од 9:20 часот ексвицепремиерот и министер Артан Груби е во Казнено-поправната установа Затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, потврдуваат за „360 степени“ од институцијата.
„По извршените прегледи од домскиот лекар, Груби е сместен во притворското одделение“,
ни изјави директорот на затворот, Бобан Утковски.
Тој додава дека во кратката средба што ја имал со Груби му било кажано оти е во добра здравствена кондиција.
„Го прашав дали има некои здравствени побарувања и одговорот беше негативен. Тој е во добра здравствена кондиција“,
додава директорот.
Утковски вели и дека како дел од редовната процедура Груби бил прашан дали можеби не се чувствува безбедно поради некој друг од притворените, и според одговорот што го добил, директорот донел одлука да го смести со уште едно друго лице.
„Го прашавме дали има закани од некого, а одговорот е можеби негова првична проценка, но затоа мора да внимавам со кого го ставам“,
рече тој додавајќи дека засега Груби останува кај нив.
Од Основниот кривичен суд Скопје ни рекоа дека засега нема никакви промени во постапката и дека Груби е во Шутка бидејќи Кривичен веќе има определено 30-дневен притвор кој почнува да се спроведува по негово обезбедување. Од Кривичен велат дека доколку има некои нови барања, тоа прво ќе биде преку Обвинителството, а потоа во Судот.
Артан Груби утринава во 6:10 часот се појавил на косовско-македонската граница при влез во земјава на ГП „Блаце“, по што е спроведен од полицијата.
На социјалните мрежи и во дел од медиумите е објавено видео од приведувањето на кое се гледа како Груби, со јакна со качулка на главата и очила за сонце, со насмевка им ги подава рацете на полициските службеници кои му ставаат лисици. Потоа, тој со црн шал си ги покрива дланките.
Груби е осомничен во случајот со проневери во „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од земјава и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати дома.
Македонската полиција тогаш распиша меѓународна потерница по Артан Груби.
