Асимптоматската трансмисија на новиот коронавирус ковид-19 е најголемата слабост во справувањето со оваа болест, не само во нашата земја туку воопшто во светот, смета министерот за здравство Венко Филипче.
Тој во интервју за Канал 5, вечерва рече дека под 15 проценти од заболените од вирусот ковид-19 во земјава се на болничко лекување, дел се со полесни симптоми и на домашно лекување, а останатите се асимптоматски случаи.
Тој рече дека другите жаришта на ковид-19 во земјава, освен во Скопје, постепено спласнале.
„Предвидувањата на епидемиолозите, ова морам да го кажам со резерва, се дека следната недела, периодот што следи може да се очекува дека и скопското жариште постепено ќе спасне“,
рече министерот.
Филипче, истакна дека асимптоматската трансмисија е една од најголемите слабости, не само во земјава, тука насекаде во светот.
„И затоа заземавме став да имаме една ваква агресивна стратегија, идентификување апсолутно на сите контакти на лица коишто имале претходно физички контакт со заболените лица со цел на време да бидат ставени во изолација, за тука да го пресечеме ланецот на пренос на инфекцијата и мислам дека во тоа успеавме“,
нагласи министерот за здравство.
Тој потенцираше дека е различен пристапот на тестирање во сите земји и затоа не може да се споредуваат бројките.
Вториот бран што дојде порано од очекуваното, повтори, се должи на непочитување на мерките, а олабавувањето на рестриктивните мерки се должеше на анализи и бројки, оцени министерот за здравство.
