Наспроти тврдењата на Жерновски дека Владата има увид во тековни процеси, Митева појасни дека станува збор за одлука која е веќе донесена

Портпаролката на Владата, Марија Митева, смета дека oбидот на членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања.
Митева, во реакцијата објавена на нејзиниот фејсбук-профил, нагласи дека настапите на опозицијата се панични и хистерични и оти кога немаат одговори продуцираат магла.
Наспроти тврдењата на Жерновски дека Владата има увид во тековни процеси, Митева појасни дека станува збор за одлука која е веќе донесена.
„Станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано. Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста“,
пишува Митева.
Митева во објавата го споредува интегритетот на Жерновски во македонската политика со „стара витрина со пајажина“. Таа обвини дека СДСМ го ставиле Жерновски во партиски тела за „фрлање кал“.
„Нападите дека некој ‘управува’ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на таквото практицирање. Тоа време заврши“,
додава таа.
Наместо „фабрикување конструкции“, Митева ја повика опозицијата да одговори каде води случајот со 40 тони марихуана и кој сè бил вклучен.
Таа вели дека Владата ќе продолжи да инсистира на владеење на правото и транспарентност, нагласувајќи дека политиката мора да се води со интегритет, а не со конструкции и лаги.
Реакцијата на Митева доаѓа по денешната изјава на Андреј Жерновски за вчерашниот настап на владината портпаролка Марија Митева на телевизиска дебата, за кој рече оти претставува „скандалозно признание“ дека Владата располага со информации за судски пресуди пред тие да им бидат доставени на странките.
Жерновски посочи дека портпаролката на Владата изнела информации за неговиот судски процес против МНР, наведувајќи дека неговата жалба е изгубена.
