Станува збор за поголем одрон во должина од 80 метри и поради тоа се апелира на зголемена внимателност при движењето на овој патен правец
Поради одрон на автопатот Скопје – Велес пред наплатната станица „Сопот“, сообраќајот на тој потег вечерва се одвива по една коловозна лента, информираат од Јавното претпријатие „Македонија пат“.

Станува збор за поголем одрон во должина од 80 метри и поради тоа се апелира на зголемена внимателност при движењето на овој патен правец.
Екипите на „Македонија пат“ вечерва со механизација работат на расчистување на одронот од камења што паднаа на автопатот спроти железничката станица „Рајко Жинзифов“.
„Сообраќајот не е запрен, туку полицијата го регулира наизменично, од едната, па од другата страна на автопатот. Со скипер се работи на расчистување на одроните од камења“,
се вели во соопштението од претпријатието.
Се очекува наскоро патот да биде расчистен и сообраќајот нормално да функционира.
