Од СДСМ бараат владата веднаш да се откаже од намерата за купување нов авион

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија смета дека е врв на безобразие да се трошат 100 милиони евра за нов владин авион наместо парите да се искористат за повисоки плати и за изградба на училишта и болници.
Од СДСМ бараат владата веднаш да се откаже од намерата за купување нов авион.
„Државата не е приватна компанија, а народните пари не се играчка за опиена, аздисана и криминална власт“,
рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кузеска потсети дека сè уште нема одговори од власта „колку чинеше луксузирањето на Мицкоски со владиниот авион и кој бил со него“.
„Додека народот брои денари до крајот на месецот, работниците се на улиците за поголеми плати, премиерот лета на одмор со владин авион“,
рече Кузеска.
Од партијата велат дека владата планира да купи нов владин авион вреден околу сто милиони евра, а наспроти тоа, додава Кузеска, одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра, крати 40 милиони евра од земјоделците за субвенции, пет милиони евра од поддршката во спортот и три милиони евра на лицата со ретки болести.
Според Кузеска, со сума од околу 100 милиони евра се обезбедува половина од потребните пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците, а, како што рече, може да се изградат најмалку 20 нови современи училишта низ државата, 25 градинки, 10 студентски домови.
Со тие пари, вели дека може да се изградат три нови модерни болници или целосно да се реконструираат повеќе постоечки здравствени центри. Исто така, може да се изградат 20 згради за социјални станови, десетици километри водоводи и канализации во рурални и урбани средини, каде што граѓаните со години чекаат основни услови за живот.
„Но, наместо пари за плати, за пензии, за училишта, болници, владата сака луксузот на Мицкоски да го платат граѓаните. Ова е безобразие без граници“,
рече Кузеска.
Од СДСМ и вчера реагираа на информациите што претходниот ден беа објавени, а кои се однесуваа на тоа на кои релации најмногу се користел владиниот авион, но и кои членови на владата најмногу го користеле во периодот откако е формирана владата на премиерот Христијан Мицкоски, односно од јуни 2024 година до декември 2025 година.
Од владата вчера рекоа дека авионот е користен исклучиво согласно прописите и актите за негово користење. Оттаму велат дека секое користење на владиниот авион е евидентирано, документирано и е предмет на институционална контрола. Додаваат дека не постои каква било форма на злоупотреба.
