Инцидентот во Нови Сад во понеделникот се случи додека истовремено се одржуваа два собири – еден антивладин, предводен од студентите во блокада и еден предводен од поддржувачи на СНС. Провладините демонстранти беа собрани пред Српскиот народен театар каде што владини претставници вечерта учествуваа на свечена академија, а во еден момент група нив нападнаа присутни на антивладиниот протест
Во неколку градови во Србија, меѓу кои Нови Сад, Прокупље и Белград, вчеравечер се одржаа протести како одговор на судирите што вечерта претходно се случија на антивладиниот протест во Нови Сад на кој, според организаторите, се повредени најмалку тројца демонстранти.

Жителите на Нови Сад вчеравечер се собраа пред Српскиот народен театар како одговор на инцидентите од 16 февруари, кога група мажи, за кои студентите тврдат дека се поддржувачи на владејачката СНС, физички нападнале студенти пред Српскиот народен театар, додека полицијата на почетокот не реагирала.
„Денес се собравме за да им покажеме на студентите дека сè уште сме тука. Дека сме тука за нив“,
порачаа граѓаните од вчерашните протести во Нови Сад.
Инцидентот во Нови Сад во понеделникот се случи додека истовремено се одржуваа два собири – еден антивладин, предводен од студентите во блокада и еден предводен од поддржувачи на СНС. Провладините демонстранти беа собрани пред Српскиот народен театар каде што владини претставници вечерта учествуваа на свечена академија по повод 200-годишнината од Матица српска. Извикуваа пораки за поддршка на српскиот претседател Вучиќ.
Според изјави на очевидци, во еден момент група нив нападнале присутни на антивладиниот протест.
Инцидентите се случуваат во време кога антивладините протести, кои започнаа по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, траат повеќе од 15 месеци. Студентите бараат вонредни избори и утврдување на одговорноста на властите.
Освен во Нови Сад, протести вчера се одржаа и во Белград, Ниш, Пирот и Прокупље.
