Сите патни правци во државата, додаваат од претпријатието, се проодни, а на одредени делови кои поминуваат низ усеци и клисури е можна појава на поситни одрони

Поради врнежи од снег, утрово од 5:40 часот на патниот правец Гостивар – Кичево, преку планинскиот превој Стража, е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила, информираат од Јавното претпријатие „Македонија пат“.
Исто така, поради врнежи од снег забрана за сообраќај на камиони и автобуси има и на патниот правец Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка од 5:55 часот утрово, поради врнежи од снег, е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за другите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Од „Македонија пат“ велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози. На повисоките места во западните делови од земјата има остатоци од кашест снег, по интервенција на дежурните екипи. Снег со променлив интензитет паѓа на Попова Шапка, Маврово и Стража, додека на планинскиот превој Буково врнежите се мешавина од дожд и снег.
Сите патни правци во државата, додаваат од претпријатието, се проодни, а на одредени делови кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони.
ЈП „Македонија пат“ повикува на внимателно управување со возилата, почитување на сообраќајната сигнализација и приспособување на брзината кон условите на патот.
