Опозиционерите посочија дека заменик-генералната секретарка на НАТО нема никаква врска со обвинувањата за сецесионизам и дека секогаш се залагала за дијалог и стабилност на Западен Балкан. Според СДСМ, улогата за Радмила Шекеринска во НАТО е доказ за силата и компетентноста на жените во меѓународната политика, а нападите од српскиот претседател Вучиќ ги оценија како обид за минимизирање на таквите успеси
Опозицискиот СДСМ го осуди однесувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ кон заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, обвинувајќи го за понижувачки и шовинистички пристап и адресирање навреди наместо аргументи.

„Познат по тоа што ги навредува сите оние кои не ги делат неговите ставови или му пречат, овој пат негова цел беше Радмила Шекеринска. Вучиќ малициозно нагласи дека ‘оваа жена и луѓето кои доведоа до сецесија’ (нагласувајќи го нејзиниот пол на понижувачки начин, како тоа да е релевантно за аргументот), ја обвини Шекеринска дека има врска со сецесијата на 13-14 отсто од територијата на Србија (мислејќи на Косово)“,
велат од СДСМ.
Посочија дека заменик-генералната секретарка на НАТО нема никаква врска со обвинувањата за сецесионизам и дека секогаш се залагала за дијалог и стабилност на Западен Балкан. Според СДСМ, улогата за Радмила Шекеринска во НАТО е доказ за силата и компетентноста на жените во меѓународната политика, а нападите од српскиот претседател Вучиќ ги оценија како обид за минимизирање на таквите успеси.
„Ова понижување на жените е облик на мизогинија што ја поткопува родовата рамноправност и придонесува за токсична политичка клима во регионот. За разлика од авторитарните режими, како оние на Вучиќ и на ВМРО, кои користат шовинизам за да ја одржат моќта, СДСМ верува дека рамноправноста е основа за напредно општество. Единствено останува прашањето дали ова е само личен однос кон Шекеринска или зад тоа стои и нешто друго“,
велат од СДСМ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера од Минхенската безбедносна конференција ја критикуваше заменик-генералната секретарка на НАТО, Рамила Шекеринска, во врска со изјавата во која таа посочи дека Хрватска и Албанија се сигурни партнери на НАТО и дека придонесуваат за мирот и стабилноста во регионот, алудирајќи на соработката на двете членки на Алијнсата со Косово во поглед на одбраната.
