Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција, вели Мицкоски

Објавата на Белата куќа на заедничката изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија. Оваа изјава претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15 отсто, а за одредени производи и индустрии и до 0 отсто, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст“,
напиша премиерот Мицкоски на Фејсбук.
Со ваквите чекори, додава тој во објавата, ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
„Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“,
вели Мицкоски.
Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија постигнаа Рамковен договор за реципрочна, фер и балансирана трговија за зајакнување билатерални економски односи, што ќе им обезбеди на извозниците на двете земји проширен пристап до пазарите на другите, објави синоќа Белата куќа.
„Договорот ќе ги зајакне нашите трговски односи, ќе ги поддржи заедничките стратешки интереси, ќе го промовира економскиот раст и ќе го продлабочи нашето трансатлантско партнерство“,
се наведува во заедничката изјава.
