Како што посочува тој во објавата на Фејсбук, уредувањето на кејот е еден од клучните приоритети на градската администрација
Со засилено темпо продолжуваат активностите за уредување на кејот на реката Вардар, проект кој Град Скопје го спроведува со цел создавање современ и функционален јавен простор достапен за сите граѓани, објави градоначалникот Орце Ѓоргиевски на својот фејсбук-профил.

Како што посочува тој во објавата, уредувањето на кејот е еден од клучните приоритети на градската администрација.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито. Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата“,
пишува Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Покрај уредувањето на терените, како што информира градоначалникот на Град Скопје, на просторот се гради и современа градска плажа.
„На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди. Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество“,
порача Ѓорѓиевски.
