„За граѓаните и за работниците нема пари, само за луксузот на премиерот мора да има. Така функционира оваа криминална власт, во мафијашки стил“, се вели во соопштението од опозициската партија
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) ја обвини власта дека ги игнорира барањата на работниците за зголемување на минималната плата, а најавува набавка на нов владин авион.

„Додека над 20 илјади работници едвај врзуваат крај со крај, а вредноста на синдикалната кошница одамна надмина 66 илјади денари, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра. Работниците протестираат на улиците за достоинствени плати за да можат да си ги платат сметките и да обезбедат храна, а Владата најавува купување на нов авион. Ова е навреда за секој чесен работник, за секое семејство што се бори со високите трошоци и поскапувањата“,
се вели во денешното соопштение од партијата.
Според СДСМ, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ го блокираат законското решение во Собранието за 600 евра минимална плата и поддршка за компаниите оти не сакаат да им ги покачат платите на работниците и не сакаат да им помогнат на компаниите.
„Владата сака да купи нов авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос. Груевски со пари на граѓаните купуваше ‘мерцедес‘ од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра, а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купува авион на грбот на народот. За граѓаните и за работниците нема пари, само за луксузот на премиерот мора да има. Така функционира оваа криминална власт, во мафијашки стил“,
пишува во реакцијата на СДСМ.
Оттаму додаваат дека остануваат на страната на работниците и ќе продолжат да се борат за нивните повисоки плати, економска правда и враќање на достоинството на граѓаните.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска ќе го одржи вториот од серијата протести во рамките на иницијативата со која се бара зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра, како и зголемување на сите останати плати за 6 000 денари.
Како што најавија од ССМ, протестот ќе започне во 12 часот со блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис-конфедерацијата.
Во вторникот, членови на ССМ го блокираа Собранието, од каде што испратија порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.
Според Сојузот, протестите ќе продолжат сè до исполнувањето на нивните барања.
