Случувањата со протестите и блокадите добија и дополнителна димензија откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Дафина Стојаноска, завчера на својот фејсбук-профил објави видео, а во описот наведе дека Трендафилов со службено возило на ССМ обавува приватни обврски. Претседателот на ССМ побара од МВР и од Обвинителството да поведат постапка против пратеничката бидејќи, како што наведе, таа му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска ќе го одржи вториот од серијата протести во рамките на иницијативата со која се бара зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра, како и зголемување на сите останати плати за 6 000 денари. Како што најавија од ССМ, протестот ќе започне во 12 часот со блокада на Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата.

Во вторникот, членови на ССМ го блокираа Собранието, од каде испратија порака до пратенциите дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.
Според Сојузот, протестите ќе продолжат сè до исполнувањето на нивните барања.
На вчерашната прес-конфернеција, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов изјави дека и на денешниот протест ќе има 21 претставник на Синдикатот, колку што е потребно согласно законскиот минимум за да излезат на улица и да блокираат.
„Пред Стопанската комора ќе бликираме газди кои кои блокираат работниците 36 години. Газди кои одбија до крајот на минатата година да ги зголемат работничките плати и да ја заголемат минималната плата, а ‘кукаат’ дека квалификуваните работници заминуваат од Македонија и дека не можат да ги задржат“,
кажа Трендафилов.
Тој ги повика работниците кои можат да им се придружат на денешниот протест барем и на пет минути, затоа што, како што рече, другите ги бројат.
Претседателот на ССМ најави и дека по завршување на блокадите ќе повикаат на голем работнички протест, кој ќе биде во неработен ден за да можат да излезат што повеќе луѓе на улица. Овој протест, како што кажа тој, ќе биде претходница на генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор, што ќе се организира доколку и понатаму властите и работодавачите продолжат со игнорантскиот однос.
Премиерот Христијан Мицкоски во вторникот изјави дека протестите на ССМ и блокадите имаат политичка заднина, бидејќи, според него, Владата ги исполнила сите обврски со тоа што постигнала договор со Синдикатот на УПОЗ и со Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ) за зголемување на платите на околу 11 000 административци од речиси 40 отсто до 2028 година.
Случувањата со протестите и блокадите добија и дополнителна димензија, откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Дафина Стојаноска завчера на својот фејсбук профил објави видео, а во описот наведе дека Трендафилов со службено возило на ССМ обавува приватни обврски. Имено, на видеото се прикажува како Трендафилов со неговите две деца влегува во автомобил.
Претседателот на ССМ, поради објавата побара од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Обвинителството да поведат постапка против пратеничката, бидејќи, како што наведе Стојаноска му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат.

Воедно, тој побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека Трендафилов сака да се претстави како жртва на политички прогон, поради, како што наведоа од партијата, фијаското на протестите на ССМ пред Собранието.
Оттаму му порачаа на Трендафилов ако смета дека му е загрозена приватноста, да пријави во институциите.
Во одбрана на пратеничката Стојаноска застанаа и нејзините колеги од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тие во заедничко соопштение наведоа дека станува збор за очајнички крик на еден „синдикалец“ кој мисли дека со солзи и етикетирања ќе го избрише фактот дека ги троши парите на работниците за личен луксуз.
