Првиот социјалдемократ оцени дека ВМРО-ДПМНЕ ја губи поддршката од граѓаните и дека единствениот начин за партијата да се одржи е да предизвикува поделби во СДСМ кои, како што рече Филипче, нема да дозволи повеќе да се случуваат
Нема да дозволам внатрепартиско роварење и поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ – порача лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, од вечерашната средба во Штип со општинските организации од третата изборна единица. Неговата изјава доаѓа по неодамнешните случувања со неколкумина долгогодишни партиски членови кои го критикуваа актуелното раководство на СДСМ, а од матичната партија добија обвинувања дека одработуваат за власта со цел дестабилизација на Социјалдемократскиот сојуз.

Во оваа смисла, Филипче рече дека консолидацијата и внатрепартиското единство се клучни предуслови за зајакнување на СДСМ и за успешна борба против актуелната власт.
„Има некои луѓе коишто се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на коишто проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа“,
рече Филипче.
Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ ја губи поддршката од граѓаните и дека единствениот начин за партијата да се одржи е да предизвикува поделби во СДСМ кои, како што рече Филипче, нема да дозволи повеќе да се случуваат.
„Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете, ако не сте ја знаеле заднината, тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт“,
додаде Филипче.
Рече дека жали што дел од како што ги нарече, другарите од СДСМ, се обиделе да го саботираат конгресот на Социјалдемократскиот сојуз за тој да не успее и им праќале пораки на делегатите да не доаѓаат.
„Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. На крај памет, не да направат нешто, да помислат нешто, да направат против партијата од која добиле сè. Не станува збор за мене. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ. Кој и да работи против, работи против партијата. Со тоа, во оваа ситуација и против државата“,
додаде лидерот на СДСМ.
