Владата минатата недела соопшти дека е донесен заклучокот во однос на петтемина кандидати и дека ќе биде испратен до Советот на јавните обвинители кој согласно законските рокови во период од 15 дена треба да се произнесе во врска со кандидатурите и да го достави мислењето до Владата
Советот на јавните обвинители за следниот вторник ја закажа седницата на која треба да даде мислење за петтемина кандидати кои се пријавија на огласот за нов државен јавен обвинител.

Владата минатата недела соопшти дека е донесен заклучокот во однос на кандидатите и дека ќе биде испратен до Советот на јавните обвинители кој согласно законските рокови во период од 15 дена треба да се произнесе во врска со кандидатурите и да го достави мислењето до Владата.
Владата до Собранието потоа предлага еден од кандидатите за кои е добиено позитивно мислење.
Досега ниту Собранието ниту Владата формално не ги објавија имињата на петтемина кандидати за шеф на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија кој треба да го наследи доскорешниот Љупчо Коцевски, кој во декември лани поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Сепак, во јавноста е познато дека во трка за функцијата се актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристоска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчeвски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.
