Според полицијата, со тешки телесни повреди се здобил возачот на автомобилот марка „бе-ем-ве“, констатирани во Клиничкиот центар во Скопје
Во синоќешната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Куманово, кај клучката „Хиподром“ учествуваа автомобил марка „бе-ем-ве“ и камион марка „мерцедес“ со полуприколка, при што двете возила се запалија и целосно изгореа, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Соопштувајќи ги деталите за незгодата, од полицијата велат дека се случила синоќа во 23 часот.
„Пријавено е дека на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на Град Скопје, се случила сообраќајка меѓу патничко возило ‘бе-ем-ве‘ со скопски регистарски таблички, управувано од А. В. (25) од село Бујковци, Скопско, и товарно возило ‘мерцедес‘ со полуприколка со неготински ознаки, управувано од Љ. Д. (56) од село Брест, Штипско“,
се вели во извештајот на МВР.
Според полицијата, со тешки телесни повреди се здобил возачот на автомобилот, констатирани во Клиничкиот центар во Скопје.
На местото на несреќата увид изврши екипа на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје.
Ова е видео од местото на несреќата:
Од Јавното претпријатие „Македонија пат“ утрово информираа дека сообраќајот на овој патен правец се пренасочува поради случена сообраќајна незгода.
