Премиерот вели дека тој е подготвен тоа да се регулира со нов закон, со кој правосудниот испит ќе може да се полага не само на албански јазик, туку и на јазиците на другите делови од народите што се запишани во Преамбулата на Уставот
На прашањето дали смета дека преписките меѓу двајцата министри Беким Сали и Игор Филков ќе направат раздор во владината коалиција, Мицкоски одговори оти не смета дека тоа би можело да биде случај и додаде дека очекува таа дебата да престане денеска
Премиерот Христијан Мицкоски е отворен прашањето за полагањето на правосудниот испит и на албански јазик, што доведе до нови тензии во владината коалиција меѓу ЗНАМ и ВЛЕН, да се реши со донесување закон кој ќе стави крај на дебатата.

Одговарајќи на новинарски прашања за судирот помеѓу вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали и министерот за правда Игор Филков во врска со ова прашање, премиерот повикувајќи се на амандманот V oд Уставот, рече дека правосудниот испит може да се полага и на албански јазик, но претходно тоа треба да биде утврдено со закон. Актуелниот закон, како што кажа Мицкоски, не го дозволува тоа.
„Ние мора да ја гледаме суштината за да дојдеме до решението. Уставот е јасен и прецизен и Уставот вели дека официјален јазик на целата територија на Македонија и во меѓународна употреба е македонскиот јазик. Но, исто така, согласно подолу опишаното, така вели тој член, официјален јазик во случајов е и албанскиот јазик, односно заедницата која е повеќе од 20 проценти од населението, тоа е во случајов албанскиот јазик. Тоа е Aмандманот V, кој практично го заменува членот 7 од Уставот, и во еден дел од тој амандман многу јасно стои, вели: комуникацијата во институциите на државната управа може да се одвива и на јазикот во случајов на заедницата којашто е повеќе од 20 проценти, откако тоа ќе биде утврдено со закон. Значи ние мораме овој процес на полагање најпрвин да го утврдиме со закон. Законот ваков каков што е не дозволува ваков тип на полагање“,
рече Мицкоски.
Премиерот вели дека тој е подготвен тоа да се регулира со нов закон, со кој правосудниот испит ќе може да се полага не само на албански јазик, туку и на јазиците на другите делови од народи што се запишани во Преамбулата на Уставот.
„Зошто? Затоа што Уставот исто така вели дека во единиците на локалната самоуправа каде што имаме националност којашто е повеќе од 20 проценти од вкупниот број на населението, комуникацијата со подрачните единици на министерствата и таа националност се одвива на нивниот мајчин јазик. Да речеме во општина Центар Жупа мнозиска е турската заедница, во Шуто Оризари мнозинство е ромската заедница, ја имаме општина Чучер-Сандево, тука е интересно, повеќе од 20 проценти е српската заедница, но кога ќе ги прашате кој им е мајчин јазик, не дваесет проценти се изјаснуваат дека српскиот им е мајчин јазик. Така што ако ме прашате лично мене, потребни се правници коишто ќе бидат квалитетни“,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека за дебатата воопшто не е корисно, како што кажа, да се зачауруваме во национал-романтични тези и истовремено да се повикуваме на устав и на закон.
„Тоа мислам дека е политикантство и нема врска ниту со Устав, ниту со закон, ниту со политика, тоа е класично политикантство“,
изјави премиерот.

Новиот закон, откако ќе биде изготвен, според него, треба да се прави во Венецијанската комисија, која ќе даде мислење дали тој е во согласност со Уставот или не.
Говорејќи во овој контекст, Мицкоски се осврна на Законот за употреба на јазиците, наведувајќи дека во делот за правосудството, мислењето на Венецијанската комисија било негативно.
„Факт е дека кога е направен Законот за употреба на јазиците, Венецијанската комисија за делот за правосудството дава негативно мислење. Тоа е факт и исто така треба и тоа да се спомене. Значи кога се дава една анамнеза, треба сите параметри да се имаат предвид, но еве, политичка волја од моја страна има, да се седне, да се регулира ова согласно закон. Јас ќе ги поканам утре луѓето кои ја изнесоа темата во јавност, сакам да поразговараме со сите овие факти коишто сега накратко ги објаснувам за да дојдеме до решение. Целта на оваа Влада е да ја развива Македонија, граѓаните да живеат подобро, да одиме напред и еден ден да бидеме дел од Европската Унија. Теми од пред 30-40 години во моментот не ни требаат“,
кажа премиерот.
На прашањето дали смета дека преписките меѓу двајцата министри Беким Сали и Игор Филков ќе направат раздор во владината коалиција, Мицкоски одговори:
„Не, не мислам. Мислам дека здраво е да има дебата и очекувам денеска таа дебата да престане“.
Барањето на дел од студентите правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик доби политичка димензија откако вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали јавно обвини дека министерот за правда Игор Филков нема волја да го реши проблемот.
Филков возврати преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека времето на политички толкувања на Уставот и законите заврши по заминувањето на коалицијата СДСМ–ДУИ од власт.

Оваа влада, наведе Филков во реакцијата на Фејсбук, нема намера да ја продолжи праксата на правен релативизам, институционален хаос и селективна примена на нормите.
Тој го критикуваше Сали наведувајќи дека државата не функционира врз основа на „лични проценки“, и додаде дека одлуките не се носат по чувство, туку по Устав и закон.
