Според неофицијалните информации на студентите, прекинот во снабдувањето со електрична енергија е поради неплатени сметки

Студентите во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид денеска речиси половина ден се без електрична енергија, греење и топла вода.
Според објавата на Инстаграм од профилот на студентарија.мк, домот е без електрична енергија од 10 часот утринава, а студентите вечерва низ просториите се движат со свеќи.
Информациите од студентите се дека прекинот во електричната енергија е само во домот, додека околните објекти имаат нормално снабдување.
„До овој момент не е познато кога струјата ќе биде повторно пуштена, ниту има официјална информација од надлежните“,
се вели во објавата на Инстаграм.
Студентите додаваат дека парното греење во објектот и претходно не било во функција и затоа биле принудени да се греат со електрични греалки и уреди донесени од дома.
Сега, со прекинот на струјата, се додава во објавата, тие останале и без единствениот начин на греење што го имаат.
Според неофицијалните информации на студентите, прекинот во снабдувањето со електрична енергија е поради неплатени сметки. Тие очекуваат дека ноќта ќе ја поминат во мрак и без греење.
Студентите велат дека немале никаква претходна најава, ниту добиле известување што се случува и до кога ќе трае прекинот.
Од видеата објавени на социјалните мрежи, може да се види дека во домот има целосна темнина во собите и ходниците.
