Тој додаде „не можам да дозволам неуспесите во срцето на Даунинг стрит да значат дека неуспесите ќе продолжат и овде во Шкотска бидејќи изборите во мај не се без последици за животите на Шкотланѓаните“

Лидерот на шкотската Лабуристичка партија, Анас Сарвар, бара британскиот премиер Кир Стармер да поднесе оставка, пишува „Гардијан“. Повикот доаѓа бидејќи, како што се додава во написот, неуспесите на Даунинг стрит носат неуспех и во Шкотска.
Сарвар вели дека неговата прва лојалност е кон Шкотска. Како што додава тој, не е подготвен да ги жртвува училиштата и болниците на Шкотска за Шкотската национална партија (СНП) да влезе во третата деценија од владеењето. Шкотските лабуристи и СНП се главни ривали на локалната политичка сцена, но националната партија е на власт уште од 2007 година, а следните избори за парламентот во Единбург се во мај годинава. Поради тоа, Сарвар смета дека неуспешните политики на владата во Лондон може да ги намалат шансите на Лабуристичката партија да ја преземе власта во Шкотска.
„Не сум подготвен да го жртвувам шкотскиот национален здравствен систем, нашите училишта, заедници, градови, села и острови за владата на Шкотската национална партија да влезе во третата деценија. Затоа треба да се стави крај на одвлекувањето на вниманието. И раководството на Даунинг стрит мора да се промени. Толку е очигледно дека очајно ни требаат промени во Шкотска и за три месеци можноста да се ослободиме од неуспешната влада на Шкотската национална партија е премногу важна за да се пропушти“,
вели Сарвар.
Тој додава: „Не можам да дозволам неуспесите во срцето на Даунинг стрит да значат дека неуспесите ќе продолжат и овде во Шкотска бидејќи изборите во мај не се без последици за животите на Шкотланѓаните“.
Барањето на Сарвар доаѓа откако денеска шефот за комуникации на премиерот Кир Стармер, Тим Алан, поднесе оставка, која е втора за два дена откако вчера тоа го направи и најблискиот помошник на Стармер, Морган Мексвини. Мексвини поднесе оставка од функцијата шеф на кабинетот велејќи дека ја презема одговорноста да му препорача на премиерот да го назначи Питер Манделсон за амбасадор во САД, и покрај неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
