„Целокупното лекување со имунотерапија и со хемотерапија, кои немале индикации, докажано водело до напредување на болеста бидејќи болеста при такво лекување немала никаква контрола. Кога болеста е надвор од контрола, побрзо напредува“, рече вештакот Маја Равник на денешното рочиште за предметот „Онкологија“
Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет „Марибор“, Словенија, која денеска сведочеше во случајот „Онкологија“ во Основниот кривичен суд Скопје, одговараше на прашања на Обвинителството за соодветноста на терапијата што се давала на конкретни пациенти, нејзиниот ефект и безбедноста.

Според сведочењето на Равник во случајот кој на поранешниот медицински директор на Клиниката, Нино Васев и на уште двајца онколози им се суди за несовесно лекување пациенти, на Клиниката била издавана несоодветна терапија.
Пациентка со рак на јајници, според документацијата, била лекувана со „капецетабин“ таблети, кои, како што рече Равник, не се даваат во вакви случаи.
„Пациентката се води со рак на дојка, а ракот на јајници не се лекува со ‘капецетабин’ таблети. Дека имала рак на јајници се потврдува во записот од хистологија, добиен подоцна“,
изјави вештакот од Словенија.
Лекот „бинирелбин” на овој пациент е даден само еднаш, по што била повторно промената терапијата, без да се забележи зошто била потребна промена на терапијата.
„Пациенктата примала ‘патрилаксел’ четири пати, потоа во комбинација со ‘гемцитабин’, за повторно само ‘патрилаксел’. Од записите можам да заклучам дека терапијата со ‘патрилаксел’ предизвикала многу компликации кај пациентката. Болеста со таа терапија постепено напредувала со дополнителни компликации“,
изјави вештакот, пренесува МИА.
Пациентката, како што заклучи сведокот, примала лек со никакви ефекти при лекување рак на јајници, при што дошло до напредување на болеста.
Друг пациент со карцином на црн дроб, бил лекуван со лекот ‘пемброизумап’, кој немал индикации.
„Терапијата била давана во различни дози и интервали што не се во согласност со протоколите и во комбинација со други имунотерапевтски лекови“,
кажа вештакот.
Во ниту еден од протоколите, нагласи Равник, не е забележано наизменично давање на имунотерапијата.
„Целокупното лекување со имунотерапија и со хемотерапија кои немале индикации докажано водело до напредување на болеста, бидејќи болеста при такво лекување немала никаква контрола. Кога болеста е надвор од контрола, побрзо напредува“,
изјави Равник.
Пациентка според вештачената документација, како што рече таа, примала терапија на исклучително долги и нередовни интервали. Од прегледаната документација, рече таа, пациентката примила терапија во исклучително лоша состојба, една недела пред смртта.
„Можам да заклучам дека хемотерапијата ја забрзала смртта“,
рече вештакот.

За одбраната сведочењето на вештакот било ригидно, теоретско и неусогласено со праксата
Бранителот на првообвинетиот Васев, адвокат Боби Спирковски, во изјава за медиумите сведочењето на вештото лице од Словенија го оцени како ригиден, теоретски и неусогласен со реалната медицинска пракса и условите во македонскиот здравствен систем. Спирковски вели „никој не смее на докторот да му забележи зошто донел одредена одлука за препишување на одредена терапија, доколку нема личен увид во пациентот“.
„Имате ситуации кои што само вие ги гледате и познавате, пациентот е пред вас со сите коморбидитети, со сите негови плусови и минуси во неговата физичка и психолошка кондиција и вие ја решавате ситуацијата. Затоа таа дискрециона медицинска одлука, како што и во правото, нели судијата, никој не може да му забележи на крајот зошто таква одлука донел, исто е и во медицината. Никој не смее на докторот да му забележи зошто таква одлука донел, ако нема личен увид во пациентот, а ние зборуваме за пациенти кои што одамна се починати“,
рече Спирковски.
Адвокатот посочи на разликата меѓу теоретските индикации и таканаречената „офлејбл“ терапија која лекарите ја применуваат кога се исцрпени сите други опции со цел да му се помогне на пациентот. Дополнително тој се осврна и разликите во здравствените системи во Словенија и Македонија, при што ја нагласи драстичната разлика во достапноста на лековите.
„Стриктното држење до книгите, до стандардите, во онкологијата, како што го видовме денес како прв дел од изнесувањето, е невозможно. Прво, заради тоа што има 250 лекови; второ, заради тоа што има, не знам, 60 или 70 комбинации на лековите. И замислете, во тоа море на лекови и комбинации, вие да бидете стриктни и да кажете ‘ова може, ова не може’. Оваа варијанта води кон смрт, оваа варијанта води кон влошување на здравствената состојба. Тоа е премногу ригидно становиште и премногу теоретско и нема врска со она што во животот, во праксата, особено во онкологијата, се случува секојдневно. Кога лекарот и по интуиција, мора да кажам по интуиција, дава некогаш терапија. Настрана да не зборуваме и за ситуациите кога ги немаме лековите. Македонија не е Словенија. Словенија се мери со Америка по висината на стандардот. Не може да им се случи на позитивна листа да немаат лекови. Кај нас се само три лека на позитивна листа. Драстично различни системи здравствени, драстично различни онколошки ситуации“,
рече Спирковски, пренесе МИА.

Според бранителот на Васев на вештото лице од Марибор му недостасувале клучни документи – патохистолошки наод, висина и тежина на пациентите, која, како што рече, е најбитна за одредување на дозата, за да го направи вештачењето.
„Како може да вештачите и како се осмелувате да вештачите, ако ги немате најбитните елементи, најбитните документи за пациентите? Тоа веднаш ја елиминира како вешто лице. Значи, таа морала или да ги побара наодите, кои патем ги има, ние не сме Африка, Онкологија има најмодерен систем на податоци, меѓутоа, тие воопшто не го користеле, не влегле во системот и воопшто не ги побарале“,
рече адвокатот.
Во однос на стручноста, Равник на почетокот денешното рочиште кажа дека во текот на 2011 година го положила европскиот испит за интернистичка онкологија, во 2012 положила специјалистички испит од интернистичка онкологија и од тогаш работи на Клиничкиот центар Марибор како прв онколог, а од 2016, кога е формиран одделот, е началник на одделот. Од 2022 година е национален координатор за специјализација во Словенија.
Во своето излагање Равник, нагласи дека онколошките лекови во рамки на индикациите имаат точно определена доза, начин и време на аплицирање што е потврдено преку разни фази на клинички студии. Секоја промена на лекот или дозата, мора да биде јасно забележано и од која причина. Конзилијарното мултидисциплинарно одлучувањето, нагласи вештакот е златен стандард на добро онколошко лекување.
Прашана дали во досиејата што ги разгледале забележале конзилијарно одлучување при определување или промена на терапија, вештакот рече дека при прегледаните 51 медицинска документација, само во една имало запис од мултидисциплинарен конзилиум.
„Од прегледаната документација се гледа дека промените на лекување не биле соодветно бележени и многу пати без никакво објаснување“,
рече вештакот Маја Равник.
