Во текот на судењето, тој во два наврати даде исказ дека не се сеќава и не знае дали ја убил неговата мајка
Основниот суд во Штип го осуди на доживотен затвор штипјанецот Стојанче Зарков, за убиство на неговата 84-годишна мајка, Марија Заркова.

Пресудата ја донесе кривичниот судски совет, со кој претседаваше судијата Сашко Георгиев во Основниот суд во Штип.
При објавување на пресудата, судијата Георгиев рече дека кривичното дело е извршено во раните утрински часови на 8 август 2025 година, кога обвинетиот самиот се јавил на бројот за итни повици.
Според судот, убиството е извршено со зелен нож, кој Зарков и претходно го користел при извршување кривични дела поврзани со семејно насилство.
Досега Зарков има и две други пресуди за сторени кривични дела за семејно насилство врз неговите веќе починати родители.
Во текот на судењето, тој во два наврати даде исказ дека не се сеќава и не знае дали ја убил неговата мајка.
Пресудата е објавена во негово отсуство. Тој сега се наоѓа во притвор во затворот во Куманово.
Основното јавно обвинителство Штип на 8 август информираше дека е почната истражна постапка против 54-годишен маж, кој е осомничен за убиство на својата мајка.
Убиството се случило во семејниот дом на улицата „Страшо Пинџур“ во Штип.
Според обвинителството, осомничениот по вербална расправија, под дејство на алкохол (со 2,43 промили), со ловечки нож и нанел убодна рана во пределот на вратот на неговата мајка, родена 1941 година. Жртвата искрварила до смрт.
По извршувањето на делото, осомничениот самиот се јавил на бројот за итни случаи 112 и го пријавил настанот.
