Каран, кој е кандидат на партијата на Додик, во обраќањето до новинарите синоќа порача дека со неговата победа е одбранет суверенитетот на српскиот народ и неговото право сам да одлучува за себе, додавајќи дека изборите се јасен одговор на народот на обидите за злоупотреба на правосудните институции во БиХ
Лидерот на опозициската СДС и кандидат за претседател, Бранко Блануша, индиректно го призна поразот во изјава за новинарите, но наведе дека пред вчерашното гласање СНСД ги користела сите ресурси за, како што рече, да купи гласови, што би ја осигуриле победата на неговиот противкандидат
Синиша Каран, кандидатот на партијата на Милорад Додик, е победник на повторените предвремени претседателски избори што вчера се одржаа во Република Српска, покажуваат прелиминарните резултати што ги објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина (БиХ).

Според податоците објавени на веб-страницата на Комисијата, Каран на изборите освоил 224 384 гласа, односно 50,54 отсто, додека за кандидатот на опозициската Српска демократска партија (СДС), Бранко Блануша, гласале 213 513 граѓани. Во проценти, Блануша освоил 48,09 отсто од гласовите, пренесе РТРС.
Претходно синоќа, партијата на Додик, Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД), прогласи победа на својот кандидат. Додик на социјалната платформа Икс објави дека му ја честитал победата на Каран, а подоцна во изјава за медиумите изјави дека станува збор за убедлив триумф, бидејќи предноста во однос на неговиот противник била десет илјади гласови.
„Го победивме меѓународниот фактор што сееше неред тука и во сараевската чаршија“,
пренесе ХРТ дел од изјавата на Додик.
Победата на Каран му ја честитаа и лидерот на партијата Обединета српска, Ненад Стевандиќ, и потпретседателката на СНСД, Жељка Цвијановиќ.
Каран во обраќањето до новинарите порача дека со неговата победа е одбранет суверенитетот на српскиот народ и неговото право сам да одлучува за себе, додавајќи дека изборите се јасен одговор на народот на обидите за злоупотреба на правосудните институции. Изборите ги нарече плебисцит и борба против големите непријатели како што е (високиот претставник во БиХ, Кристијан) Шмит.

Лидерот на опозициската СДС и кандидат за претседател, Бранко Блануша, индиректно го призна поразот во изјава за новинарите, но наведе дека пред вчерашното гласање СНСД ги користела сите ресурси за, како што рече, да купи гласови, што би ја осигуриле победата на Каран.
„Од нас зависи да извлечеме поука и да се подготвиме што е можно подобро за изборите во октомври“,
рече Блануша.
Конечните и официјални резултати, Централната изборна комисија на БиХ треба дополнително да ги објави.
Повтореното гласање за предвремените претседателски избори се одржа на 136 избирачки места во 17 општини и градови во Република Српска, откако Централната изборна комисија ги поништи резултатите од првичното гласање на овие избирачки места, што се одржа на 23 ноември минатата година.
Тогаш резултатите беа поништени поради неправилности утврдени за време на гласањето.
Според податоците што ги пренесуваат регионалните медиуми, излезеноста на вчерашните избори била поголема во однос на гласањето во ноември. Право на глас на гласачките места каде што се прегласуваше имаа 84 474 граѓани, а на изборите вчера излегле нешто повеќе од 41 000 гласачи.
Предвремените избори за претседател на РС беа распишани откако Додик беше отстранет од функцијата врз основа на пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, со која беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функции во владини тела.
Додик беше осуден за неспроведување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина.
Наследникот на Додик ќе остане на функцијата до октомври, кога, како дел од редовните општи избори во Босна и Херцеговина, ќе се одлучи за новиот претседател на Република Српска.
