Имајќи предвид дека објектот е целосно нелегално изграден на државно земјиште, надлежните органи одлучија да се обратат до Обвинителството и Судот и да побараат целиот објект да се конфискува во корист на државата, со цел истиот да може го користи Агенцијата за цивилно воздухопловство за тренинг на пилоти и други потреби, вели Николоски
Во координација на повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат, како и Аероклубот на спортскиот Аеродромот Стенковец Скопје, ќе се започне постапка за конфискација на нелегално изградениот објект на спортскиот аеродром Стенковец, соопшти министерот за транспорт Александар Николоски.
Во објавата, Николоски посочува дека министерството за транспорт, како институција која е надлежна за објекти од прва категорија како што се аеродроми, болници кои третираат терциерна здравствена заштита, градби за високо образование, спортски сали, стадиони и други државни инфраструктурни објекти, во изминатиот период сериозно пристапило кон решавање на проблемот со нелегалните објекти кои спаѓаат во оваа категорија.
„Имајќи предвид дека објектот е целосно нелегално изграден на државно земјиште, надлежните органи одлучија да се обратат до Обвинителството и Судот и да побараат целиот објект да се конфискува во корист на државата, со цел истиот да може го користи Агенцијата за цивилно воздухопловство за тренинг на пилоти и други потреби. Ова е јасна порака дека нема да се толерира изградба на нелегални објекти на места каде Министерството за транспорт и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“,
соопшти Николоски.

Од Аероклубот Скопје вчера испратија соопштение во кое велат дека поднеле кривични пријави против поранешниот управител и побараа објектот да се пренамени.
„Како совесни граѓани и содружници во Аероклуб Скопје доо, во 2025 година поднесовме две кривични пријави против поранешниот управител Дејан Саздовски, за сторени кривични дела ‘бесправно градење’ и ‘злоупотреба на службена должност’, согласно законите на Република Македонија. Објектот-ресторан на спортски аеродром Стенковец, Дејан Саздовски го изградил без градежна дозвола на државно земјиште и без соодветна одлука на содружниците на Аероклуб Скопје доо,“
порачаа од Аероклубот Скопје.
Оттаму порачаа Владата наместо да го урива објектот, да го намени за сопствени потреби, на пример, како што велат, за македонски воздухопловен школски центар, кој би можел да служи за обука на пилоти и други воздухопловни специјалисти, со оглед на актуелниот недостиг од таков кадар.
