Сите приказни што се плетат во јавноста се целосно непотребни, поврзани со тоа дека се укинуваат тие места – напротив, поранешните потпретседатели се членови на ИК, тело што е директно под претседателот и каде што се дикутира, се седи на иста заедничка маса, се разговара за политиките кои ги прави партијата, вели Ковачки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доби апсолутно мнозинство на Конгресот минатата година и легално и легитимно е во периодот што претстои да создаде фер услови за фер игра во трката за иден лидер на партијата, вели новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки. Во „Тема на денот“ на ТВ Сител тој кажа дека не станува збор за укинување на позициите на потпретседателите на партијата, туку дека во моментот нема назначување на нови.
„Тоа е негова одлука и ние ја почитуваме и ја поддржуваме неговата одлука, и мислам дека сите приказни што се плетат во јавноста се целосно непотребни, поврзани со тоа дека се укинуваат тие места – напротив, поранешните потпретседатели се членови на ИК, тело коешто е директно под претседателот и каде што се дикутира, се седи на иста заедничка маса, се разговара за политиките кои ги прави партијата што ја претставуваме“,
вели Ковачки.

Според Ковачки, во новиот Извршен комитет има промена од 20 до 25%.
„Еден спој на искуство, на луѓе со различни портфолија, луѓе коишто имаат различно искуство во извршната власт и во законодавната власт, меѓутоа имаме и луѓе коишто се помлади, носат една свежина во Извршниот комитет, коишто ќе помогнат на партијата, односно на претседателот во реализација на политиките на партијата“,
рече тој.
Ковачки најави дека новиот Извршен комитет ќе ја одржи првата седница во текот на идната недела.
„На негова одговорност ќе падне распишувањето на огласи за претседатели на општинските комитети, реорганизација во партијата, едно кадровско освежување и подготовка за идните парламентарни избори и структурирање на партијата. Наесен планираме да направиме едно ажурирање на членството, да ја отвориме партијата генерално за нови кадри, кадри коишто ќе донесат свежина посебно во делот на новите процеси коишто следат во иднина“,
рече Ковачки.
Ковачки додаде дека се фокусирани на јакнење на кадровскиот потенцијал за идните парламентарни избори, кои, според него, нема да бидат предвремени, туку редовни.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера го избра новиот состав на Извршниот комитет на партијата, а лидерот и премиер Христијан Мицкоски рече дека станува збор за спој на искусни и нови членови.
Нов генерален секретар на партијата е пратеникот Драган Ковачки, а огранизациски секретар е актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој е и досегашен и иден директор на Централниот штаб.
