Македонската делегација немаше претставник на стадионот во Милано. Во Предацо знаменосец на македонскиот тим беше нордискиот скијач Ставре Јада, а во Кортина делегацијата ја предводеше 19-годишната алпска скијачка Јана Атанасовска

Италијанското наследство во уметноста, музиката и во модата беше прикажано на церемонијата за отворање на Зимските олимписки игри Милано-Кортина, што ќе се одржат во следниве две недели на повеќе локации во Северна Италија. Централната церемонија се одржа на познатиот стадион „Сан Сиро“ во Милано, а помали настани имаше и во Кортина д’Ампецо, Ливињо и во Предацо. Дефилеа на натпреварувачите имаше во сите четири градови.
„Си-ен-ен“ објави дека во кореографијата биле вклучени 1 250 танчари волонтери, од кои најмладиот имал само 10 години. Тие вежбале повеќе од 700 часа за овој настан.
Актерката и пејачка Матилда де Анџелис беше прва од многуте ѕвезди што настапија. Таа излезе на сцената со танчари што носеа маски од композиторите Џакомо Пучини, Џузепе Верди и Џоакино Росини.
Американската музичка ѕвезда Мараја Кери ја изведе легендарната италијанска песна „Воларе“. Добитничката на „Греми“, Лаура Паузини, ја испеа италијанската химна на стадионот во Милано, додека истовремено во Кортина ја придружуваше хор. Знамето на земјата домаќин го донесе манекенката Виторија Черети. Таа го предаде на почесната гарда на Карабинерите (националната полиција), кои потоа го поставија на јарболот.
Темата на церемонијата беше хармонија, осмислена од главниот креативец на организацискиот тим, Марко Балич.
Италијанскиот претседател Серџо Матарела беше прикажан како пристигнува на стадионот „Сан Сиро“ со трамвај возен од легендарниот мотоциклист Валентино Роси.
Традиционално, натпреварувачите од Грција беа првите што се појавија на дефилето, како земја од која потекнуваат Олимписките игри. Потоа, 92-те земји учеснички излегуваа по азбучен ред.
Македонската делегација немаше претставник на стадионот во Милано. Во Предацо знаменосец на македонскиот тим беше нордискиот скијач Ставре Јада, а во Кортина делегацијата ја предводеше 19-годишната алпска скијачка Јана Атанасовска.
Претпоследни во дефилето беа организаторите на Летните олимписки игри, Франција, а на крајот излегоа и домаќините, Италија.
По завршување на дефилеата, обраќања имаа Џовани Малаго, претседател на Организацискиот комитет на Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026, кој по 10-минутната презентација ѝ го предаде зборот на претседателката на Меѓународниот олимписки комитет, Кирсти Ковентри.
Претседателот на Италија, Серџо Матарела, ги прогласи Зимските олимписки игри за отворени.
Музичката легенда Андреа Бочели ја изведе „Несун дорма“ додека повеќе спортисти го пренесуваа олипискиот факел низ стадионот.
