Новинската агенција Тасним, објави дека е договорено разговорите да продолжат „во друго време“, без да се прецизира кога тоа би можело да се случи

Преговорите меѓу Иран и САД „засега“ завршија, објавија иранските медиуми изјава на портпаролот на Министерство за надворешни работи.
Според иранската државна новинска агенција ИРНА, двете страни покажале „подготвеност да продолжат“.
Новинската агенција Тасним, објави дека е договорено разговорите да продолжат „во друго време“, без да се прецизира кога тоа би можело да се случи.
За време на разговорите, иранската и американската делегација размениле мислења и предлози со посредство на министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди.
Иранската дипломатска делегација ја предводеше министерот за надворешни работи, Абас Аракчи. САД ги претставуваа Џаред Кушнер, зет на претседателот Доналд Трамп, и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф. Во разговорите учествуваше и командантот на Централната команда на САД (CENTCOM), адмирал Бред Купер.
„Постоеше консензус за продолжување на самите разговори. Беше одлучено дека овој процес ќе продолжи, но времето, начинот и датумот на тоа ќе бидат одлучени во иднина“,
рече Арагчи.
Во разговор за иранската државна новинска агенција ИРНА, Арагчи повтори дека разговорите се фокусирале „исклучиво“ на нуклеарното прашање и „не разговаравме за други теми со Американците“.
Арагчи додаде дека Иран останува недоверлив кон САД, но ако преговорите продолжат со „истиот став“ од Вашингтон, тогаш може да се постигне „рамка“ за идните разговори.
Министерот за надворешни работи на Оман, кој посредуваше во разговорите меѓу Иран и САД, изрази оптимизам за нивното продолжување.
„Денес во Мускат се одржаа многу сериозни посреднички разговори меѓу Иран и САД. Беше корисно да се разјаснат позициите и на иранската и на американската страна и да се идентификуваат областите за можен напредок. Нашата цел е повторно да се сретнеме во догледно време, а резултатите ќе бидат внимателно разгледани од Техеран и Вашингтон“,
изјави министерот за надворешни работи на Оман, Саид Бадр Албусаиди, во објава на Икс.
Very serious talks mediating between Iran and the US in Muscat today.
— Badr Albusaidi – بدر البوسعيدي (@badralbusaidi) February 6, 2026
It was useful to clarify both Iranian and American thinking and identify areas for possible progress. We aim to reconvene in due course, with the results to be considered carefully in Tehran and Washington. pic.twitter.com/OWctzf2CXA
Преговорите, како што наведува Би-би-си, доаѓаат по зголемувањето на американското воено присуство на Блискиот исток, како одговор на насилното задушување на антивалдините протести во Иран, минатиот месец, во кои според групите за човекови права се убиени илјадници луѓе.
Во последните недели, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена интервенција врз Иран, доколку не се постигне договор. САД испратија илјадници војници, вклучително и носач на авиони, придружен со други воени бродови и борбени авиони, што Трамп ги нарече „една прекрасна армада“.
Техеран реагираше со закана дека доколку се случи напад ќе одговори со сила, притоа наведувајќи дека освен американските сили на Блискиот Исток, цел на нивниот одговор ќе биде и Израел.
