Министерот за здравство вели дека огромен процент од заразените здравствени работници се инфицирале надвор од работните места или преку контакт со колегите
Министерот за здравство Венко Филипче вечерва нагласи дека треба да има санкции за лицата кои на епидемиолошките прашалници даваат погрешни информации.
„Апсолутно, мислам дека треба да се санкционираат, затоа што тоа е сериозно загрозување на јавното здравје. Недозволиво е да се организира собир, а притоа да не се кажуваат контактите. Со санкционирањето да докажеме дека ова е сериозна работа, дека станува збор за заштита на јавното здравје, со превентивните мерки секој од нас се штити и индивидуално“,
рече Филипче на вечерашното гостување на ТВ 21.
Тој вели дека во огромен број случаи граѓаните даваат податоци и во однос на контактите и во однос на тоа каде се случил собирот и на некој начин признаваат дека, сепак, не се придржувале до препораките и правилата што, преку Комисијата за заразни болести и Министерството за здравств, ги носи Владата.
„Но, има и голем број граѓани кои не соработуваат. Епидемиолозите на терен се соочуваат со проблеми. Прават интервју на заразен, кој не дава ниту точно име и презиме, ниту точен телефонски број, ниту пак точна адреса на контактите. И на тој начин сме оневозможени да стигнеме до вистинските контакти, оние кои може да се носители на вирусот и во овој момент ја шират болеста. Тоа е сериозен проблем“,
потенцира Филипче.
Според него, ситуацијата не е хаотична, затоа што имаат целосна контрола на бројот на слободни кревети и на бројот на лекари и медицински сестри кои работат со заболените.
Филипче вели дека огромен процент од заразените здравствени работници се инфицирале надвор од работните места или за време на контактите меѓу вработените на работното место.
„Доказ за тоа е Инфективната клиника, каде што се лекуваат најмногу пациенти. Сега има близу 100 пациенти кои се хоспитализирани на Клиниката и уште неколку во монтажната болница што профункционира вчера. Тука има посебен тим лекари и медицински сестри и практично нема заразен лекар, а тоа се лекари и сестри кои работат од самиот почеток со пациентите болни од ковид-19. Значи, со доследно придржување до употреба на заштитните материјали апсолутно секој може да се заштити“,
смета Филипче.
