Лавров додаде дека изјавите дадени од европските лидери за време на овие приватни, доверливи контакти, не се разликуваат од она што го кажуваат јавно
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва е во таен контакт со некои европски лидери и дека тие разговараат за прекинување на војната на Русија против Украина.

„Нема да го кријам тоа, ние сме во контакт со некои европски лидери. Тие се јавуваат и бараат овие разговори да останат тајни. Некои дури доаѓаат тука. И така одржуваат таен контакт“,
рече Лавров во интервју за РТ, телевизиска мрежа финансирана од руската влада.
Лавров додаде дека изјавите дадени од европските лидери за време на овие приватни, доверливи контакти, не се разликуваат од она што го кажуваат јавно.
„Ова се истите повици: ‘Да го завршиме ова’, ‘нешто мора да се направи’“,
рече тој.
Потоа тој тврдеше дека Европа зазела бескомпромисен став дека Русија мора да претрпи стратегиски пораз.
„Нивниот став е овој: Украина не смее да изгуби, Русија не смее да победи, во спротивно Европа ќе го изгуби угледот. Сè што прават сега е насочено кон спречување и нарушување на преговорите што се чини дека штотуку започнуваат меѓу Американците и нас, а сега се вклучуваат и украински претставници“,
истакна рускиот шеф на дипломатијата.
Според соопштението од трилатералните разговори одржани во Абу Даби на 4 и 5 февруари, делегациите од САД, Украина и Русија разговарале за методите за спроведување на прекин на огнот и следење на прекинот на непријателствата.
По овие разговори, САД и Русија се согласија да го продолжат воениот дијалог на високо ниво. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерното обраќање на 5 февруари изјави дека понатамошни состаноци веќе се планирани како дел од процесот на преговори и веројатно ќе се одржат во САД.
