Премиерот рече дека станува збор за сериозен случај за кој директно ја обвини претходната влада на СДСМ и ДУИ. Според него, претходната власт довела во заблуда голем број граѓани и инвеститори дека преку бизнисот со марихуана може да се дојде до големи економски придобивки
Додека на повеќе локации во Скопје и Струмица и натаму трае големата полициска акција во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија, кои се со потенцијално потекло од земјава, премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека очекува МВР да заплени не неколку, туку десетици тони марихуана.

„Очекувам МВР да излезе не со неколку, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов којашто во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани“,
изјави Мицкоски во интервју за МРТ.
Премиерот рече дека станува збор за сериозен случај за кој директно ја обвини претходната влада на СДСМ и ДУИ. Според него, претходната власт довела во заблуда голем број граѓани и инвеститори дека преку бизнисот со марихуана за медицински цели може да се дојде до големи економски придобивки.
„Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ. Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка и мачна ситуација што се случувала. Тоа што ќе го слушнат и видат овие денови, па мислам дека вклучително уште денес, ќе биде навистина катастрофално и сите оние креатори на тие политики треба да бидат одговорни за многу млади луѓе кои за жал станале жртви на ваквиот начин на функционирање на одредени политики од минатото“,
додаде тој.
Инаку, од попладнево во тек се претреси во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје во врска со петте тони марихуана што минатата недела беа запленети во соседна Србија. Местото е под силно полициско обезбедување и пристап до таму не е можен.
