Кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се угледни луѓе, што граѓаните ќе ги препознаат и ќе ја дадат поддршката за нив, рече носителот на листата во третата ИЕ при обиколка на Малешевијата
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој е носител на листата во третата изборна единица, заедно со неколку други кандидати за пратеници од овој регион, беше денеска во обиколка на населените места во Малешевијата.
Јанушев притоа изјави дека кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се луѓе кои пред граѓаните ќе покажат дека оваа партија е поразлична од другите. Според Јанушев, ВМРО-ДПМНЕ излегува на овие избори со кандидати кои ќе ја донесат победата и обновата во земјава.
Како што вели Јанушев, кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ се угледни луѓе, кои вложиле во својата работа, така што, како што вели, граѓаните ќе ги препознаат и ќе ја дадат поддршката за нив.
„Овие избори се историски за да ја направиме Македонија не само пристојно место за живеење, туку и место на кое што сите ние ќе бидеме горди. Ќе бидеме горди на идејата за независна и суверена Македонија и ќе кажеме ‘стоп’, доста е за сите предавства, за економската девастација, за проблемите на земјоделците, за проблемите во здравството, да ги направиме младите да бидат вистинска гордост на оваа држава“,
порача Јанушев.
Негов главен противкандидат на овие избори е генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој е носител на листата на коалицијата „Можеме“ во третата ИЕ, во тандем со пратеничката Јагода Шахпаска.
