Претходно, неколку рунди дипломатски разговори меѓу страните не доведоа до договор за ставање крај на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, кој започна со руска инвазија во февруари 2022 година

ФОТО: EPA/UAE Presidential Court
Украински и руски претставници денеска во Абу Даби ќе ја имаат втората рунда разговори под посредство на администрацијата на САД, на која ќе ги продолжат разговорите за тоа како да се стави крај на речиси четиригодишната војна.
Претходно, неколку рунди дипломатски разговори меѓу страните не доведоа до договор за ставање крај на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, кој започна со руската инвазија во февруари 2022 година.
Разговорите првично беа закажани за минатата среда и четврток, но беа одложени поради, како што рекоа од Кремљ, проблем со распоредот меѓу трите страни.
Украинската делегација ќе ја предводи шефот на Советот за безбедност, Рустем Умеров, а главен преговарач на Русија ќе биде директорот на военото разузнавање Игор Костјуков.
Изминативе денови, Русија изврши масовни напади со беспилотни летала и ракети, кои ја уништија електричната мрежа на Украина и ги прекинаа електричната енергија и греењето на екстремно ниски температури.
„Секој таков руски напад потврдува дека ставовите во Москва не се променети: тие продолжуваат да инвестираат во војна и уништување на Украина и не ја сфаќаат дипломатијата сериозно“,
изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој додаде дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде соодветно приспособена.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека новите напади не претставуваат, како што тврдеше Украина, прекршување на еднонеделната обврска на Русија да се воздржи од напади врз украинската енергетска инфраструктура поради ниските зимски температури, но шефот на НАТО, Марк Руте, вчера изјави дека нападите „не сигнализираат сериозност за мирот“.
Главната точка на сопнување е долгорочната судбина на територијата во Источна Украина. Москва бара Киев да ги повлече своите трупи од делови на Донбас, вклучувајќи ги и силно утврдените градови со огромни природни ресурси, како предуслов за каков било договор.
Исто така, сака меѓународно признание дека земјата запленета во инвазијата ѝ припаѓа на Русија. Киев изјави дека конфликтот треба да биде замрзнат по сегашната линија на фронтот и ја отфрли можноста за еднострано повлекување на силите.
На претходната рунда разговори во Абу Даби минатиот месец, американскиот тим го предводеше претставникот на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф.
По завршувањето на состанокот украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека дискусијата била обемна, истовремено оценувајќи ги трилатералните разговори како конструктивни.
Според портпаролот на владата на ОАЕ, разговорите се фокусирале на „преостанатите елементи“ од мировната рамка предложена од САД, која беше изготвена од Вашингтон и Москва, а потоа дополнително изменета од САД и од европските сојузници на Украина.
Портпаролот рече дека разговорите вклучувале „директно ангажирање“ на претставници од двете земји и се одржале во „конструктивна и позитивна атмосфера“.
