Македонскиот државјанин, по спроведената истрагата, е осомничен за кривичните дела спречување службено лице при вршење службени дејствија од областа на јавниот ред и мир и за нелегално преминување граница, а возилото што го управувал е запленето
Албанската полиција на граничниот премин „Блато“, на македонско-албанската граница кај Дебар, уапсила 42-годишен македонски државјанин, кој откако бил насочен за детална контрола се обидел да избегал со возилото, при што ги загрозил животите на полициските службеници.

Настанот, како што информира албанската полиција на својот фејсбук-профил, се случил вчера попладне, кога македонскиот државјанин со иницијали Г.К. се пријавил за влез во Албанија.
„Вчера околу 17:20 часот лицето Г.К. (42), државјанин на Република Северна Македонија, при влез на албанска територија со својот автомобил „мерцедес“ бил замолен да премине на втората линија за детална проверка, заедно со возилото. Тој го одбил барањето на полициските службеници и се обидел да избега со возилото загрозувајќи ги животите на полицајците“,
се вели во соопштението на албанската полиција.
Полицајците, како што се додава, успеале да го спречат во намерата, по што тој веднаш бил уапсен.
Македонскиот државјанин, по спроведената истрагата, е осомничен за кривичните дела спречување службено лице при вршење службени дејствија од областа на јавниот ред и мир и за нелегално преминување граница, а возилото што го управувал е запленето.
Материјалите од постапката се предадени на Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Пешкопеја за понатамошни дејствија, се додава во соопштението.
