„Харвард“ е во центарот на пошироката кампања на администрацијата на Трамп за користење федерално финансирање за наметнување промени на американските универзитети. Трамп вели дека универзитетите се преполни со антисемитизам и радикални левичарски идеологии
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа изјави дека неговата администрација бара отштета од една милијарда долари од универзитетот „Харвард“.

„Сега бараме отштета од една милијарда долари и не сакаме ништо повеќе да имаме со универзитетот ‘Харвард’ во иднина“,
рече тој во објава на социјалната мрежа Трут сошал, без да прецизира какви конкретни штети предизвикал универзитетот.
Администрацијата на Трамп поднесе жалба на судската одлука во декември со која се утврди дека незаконски намалила повеќе од 2 милијарди долари грантови за „Харвард“ и дека веќе не може да го прекине финансирањето за истражување на престижниот универзитет.
„Харвард“ е во центарот на пошироката кампања на администрацијата на Трамп за користење федерално финансирање за наметнување промени на американските универзитети. Трамп вели дека универзитетите се преполни со антисемитизам и радикални левичарски идеологии.
Трамп минатата година изјави дека неговата администрација е блиску до договор со „Харвард“, кој би вклучувал исплата од 500 милиони долари од универзитетот, по месеци преговори за политиките на факултетот.
„Универзитетот ‘Харвард’, кој е познат по антисемитизмот, со години ги сервираше бесмислиците на пропаднатиот ‘Њујорк тајмс’. Харвард долго време се однесува многу лошо. Тие сакаа да спроведат сложена програма за професионален развој, но тој предлог беше одбиен бидејќи беше целосно несоодветен и, според нас, немаше да биде успешен. Ова беше само начин Харвард да избегне огромна спогодба од 500 милиони долари. Таа сума треба да биде значително поголема со оглед на сериозните и гнасни прекршоци што ги сторија. Ова треба да биде кривичен, а не граѓански случај, а Харвард ќе мора да се соочи со последиците од своите прекршоци“,
напиша Трамп на Трут сошал.
Како што додава американскиот претседател во објавата, овој случај ќе продолжи сè додека не се задоволи правдата.
„Д-р Алан Гарбер, претседателот на ‘Харвард’, беше катастрофа во обидот да поправи многу лоша ситуација за неговата институција, а што е поважно, за самата Америка. Интересно е што тој беше вработен по поднесените обвиненија за антисемитизам – се прашувам зошто??? Сега бараме отштета од една милијарда долари и не сакаме да имаме никаква врска со универзитетот ‘Харвард’ во иднина“,
напиша Трамп.
