Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за „Фокус“ вели дека одбил да му помогне на Бојан Јовановски-Боки 13 за случајот „Рекет“, па затоа тој лаже кога вели рекетираните пари да се бараат кај Вице и Зоран Заев.
„Денешната пресуда за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор. Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како ’Рекет‘ ѝ се добро познати на јавноста, сепак, Бојан Јовановски вака јавно да лаже е од единствена причина што, според мене, токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес“,
вели Заев во дел од изјавата за „Фокус“.
Јовановски денеска кога зема збор во судницата откако беше изречена првостепената пресуда со која доби 9 години затвор, рече дека пресудата е политичка и упати обвинувања кон поранешниот премиер и неговиот брат.
„Ова е ден на политичка кампања, донесовте политичка пресуда … Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“,
рече Боки.
