На забелешката дека постојат законски минимуми кои не се почитуваат ниту од оваа, ниту пак од претходните влади, Димитриеска-Кочоска вели оти кога ќе дадете повеќе пари и доколку забележите дека тие пари потоа се користат за пренамена за плати, тогаш веќе има проблем

Тоа што го кажува премиерот, сигурно ќе биде така доколку тие се разберат, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прашањето дали уште во текот на 2026 година, судската власт и јавното обвинителство ќе добијат поголеми буџети, како што вети првиот човек на Владата. Таа вели дека не може да каже до каде е целата постпака, но оти законите се во подготовка и оти се даваат мислења во однос на нив, а како што кажа, секако ќе има ребаланс на буџетот, по што доколку е потребно и за 2026 година ќе се направат измени.
Димитриеска-Кочоска вели дека кога станува збор за вработувања во судството и јавното обвинителство, таа лично не е согласна со тврдењата дека не се одобрувале вработувања и дека кога се бара такво нешто, во Министерството за финансии треба да има буџет и средства.
„Ако Вие во рамки на буџетот за ставката плати имате средства, но притоа секој месец во континуитет исплаќате додатоци на плата за сите, сигналот е дека нема да имате пари за плати. Како може Министерството за финансии да обезбеди, од што ќе обезбеди нови вработувања? Јас имам закон којшто се однесува и на мене. Не можам јас така да потпишувам вработување – ајде сега ми текна овде 10, овде 15, а буџет за истото нема“,
рече министерката.
Во однос на твредањата на Јавното обвинителство оти немаат сметководител кој може да ја потпише завршната сметка за изминатата година, како и дека имаат само неколку информатичари, министерката вели дека недостигот на сметководители и добри информатичари е проблем на ниво на цела држава, кој се провлекува и во Министерството за финансии.
„Ова е проблем насекаде, не е поврзано со тоа дали давате согласност за вработување или не. Суштината е друга – дали парите коишто одат на купче и се одобруваат како купче, ќе ги користите за додатоци или ќе вработите нов човек е на одговорното лице во секоја институција. Јас како министер за финансии не можам да се мешам во тоа. Меѓутоа, кога зборуваме за буџетите, јас не знам, се направи една фама и една хистерија како да сме им скратиле не знам што“,
изјави Димитриеска-Кочоска.
Гледајќи ги податоците за изминатите години, таа вели оти Јавното обвинителство има 0,42 отсто буџет во однос на даночните приходи, а судството – 0,08 во однос на БДП. Во 2025 година, пак, им биле доделени 0,45 отсто на Јавното обвинителство и 0,09 за судската власт. Дополнително вели оти жали што во извештајот, Европската комисија напишала оти судската власт е финансиски зависна и од извршната и од законодавната власт и оти тоа е очекувано, а некој се труди да прикаже дека тие се попречувани во работата од страна на властите.

На забелешка дека постојат законски минимуми кои не се почитуваат ниту од оваа, ниту пак од претходните влади, Димитриеска-Кочоска вели оти кога ќе дадете повеќе пари и доколку забележите дека тие пари потоа се користат за пренамена за плати, тогаш веќе има проблем. Таа рече дека и минатата година на состаноци со претставници од судската власт побарала ако добијат пари за инвестиции да ги користат за таа намена, а не за пренамена во делот на плати.
„Имале и едните и другите за капитални расходи. Проблемот е што не ги реализираат. Е сега тоа е веќе друг проблем. Не би сакала да дискутирам и да навлегувам во дискусии, сега да зборувам овде пред граѓаните кога не е присутен ниту еден ниту друг од претставниците на судска и на обвинителска власт, ама да поразговараме зошто не ги реализирале капиталните расходи? Па сега, не можам да се согласам. Што им е и како им е, тие треба да си одговорат, но не можам да се согласам дека немало. Ниту јас ниту пак еве можам претходно да зборувам – Фатмир Бесими бил, и тој одобрувал. Сега, како велиме народски нели – криво седи, право збори. Не можам јас сега да зборувам – јас сум им дала, претходно не им дале. Не е така. Секогаш во тој дел имале и тоа што го имале на располагање, не го реализирале. Сега, ако очекуваат дека некој друг ќе седне да им ја сработи работата, невозможно е. Но, во исто време и она што се случувало се некои пренамени за да се користат за плати, што исто така е неприфатливо“,
вели министерката.
Истовремено, вели, дека треба да се видат и податоците колку вработувања не се одобрени од претходната влада и како паднал бројот на вработени.
„Перцепцијата меѓу граѓаните е дека оваа министерка не одобрува. А кога ќе ги погледнете бројките ќе видите дека не е така. Но, од друга страна има нешто друго – кога тие ќе почнат да работат… И еве, не ме интересира за другото, предметите на Финансиска полиција ќе ги сработат ли? Кога тие ќе ја завршат нивната обврска, па јас еднаш да им речам – браво, секоја чест, стварно сработувате, е сега заслужувате“,
рече таа.
