Во колекцијата од околу 1 000 мозоци имало мозоци од лица што извршиле самоубиство, но и контролни примероци. Во тој контекст се спомнува и Македонија како една од земјите што придонела со примероци, преку соработка со член на Универзитетот „Колумбија“ кој потекнува од Македонија. Во текстот стои дека мозоците од Македонија биле отстранети по смртта на одредено лице, биле веднаш замрзнати, транспортирани во САД за научни цели и правилно означени и архивирани
На сајтот на американската Национална библиотека за медицина е објавен документ од Македонската академија за науки и уметности – оддел за медицина, од јули 2014 година, чии автори се Горазд Росоклија од Универзитетот „Колумбија“, Алексеј Дума, поранешен директор на Судска медицина, и извесен Ендру Џеј Дворк од Универзитетот „Колумбија“. Во документот насловен како „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: Општи лекции за научна соработка меѓу земјите со различно богатство“, се зборува за научна соработка помеѓу американски и македонски институции во областа на невропатологијата и психијатријата

Во документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин, се најде и Македонија. Имено, станува збор за електронска порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“ во која се пренесува новинарско истражување на „Блумберг бизнисвик“ од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет.
Текстот е со наслов „Лекот стар 50 години кој би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и во него се наведува дека во рамките на долгогодишно научно истражување за самоубиствата, американски научници кои соработуваат со Универзитетот „Колумбија“ имаат создадено банка од човечки мозоци за истражување. Во колекцијата од околу 1 000 мозоци имало мозоци од лица што извршиле самоубиство, но и контролни примероци. Во тој контекст се спомнува и Македонија како една од земјите што придонела со примероци, преку соработка со член на Универзитетот „Колумбија“ кој потекнува од Македонија. Во текстот стои дека мозоците од Македонија биле отстранети по смртта на одредено лице, биле веднаш замрзнати, транспортирани во САД за научни цели и правилно означени и архивирани.

„Ги зеле примероците и мозоците, најпрво на Универзитетот во Питсбург, а потоа, во 1994 година, во Колумбија. Досега имаат собрано колекција од околу 1 000 човечки мозоци – некои од жртви на самоубиство, други контролни мозоци – уредно складирани во замрзнувачи на -112°F (минус 80 Целзиусови степени). Малата балканска земја Македонија придонесува за најновите мозоци, благодарение на член на факултетот „Колумбија“ кој потекнува од таму и помогнал во организацијата. Македонските мозоци се замрзнуваат веднаш по нивното отстранување и се транспортираат во сандаци, под надзор, околу 4 700 милји (околу 7 560 километри), за да завршат во црни кутии со големина на кутија за чевли, обележани со QR-кодови. Внатре се наоѓаат исечени делови од розово ткиво во пластични кеси, означени со маркери: десна страна, лева страна, датум на собирање“,
се наведува во електронската порака испратена до Ике Гроф.
Горазд Росоклија и Алексеј Дума клучни за соработката со Универзитетот „Колумбија“
На сајтот на американската Национална библиотека за медицина е објавен документ од Македонската академија за науките и уметностите – оддел за медицина, од јули 2014 година, чии автори се Горазд Росоклија, професор на Универзитетот „Колумбија“, по потекло од Македонија, Алексеј Дума, поранешен директор на Судска медицина, и извесен Ендру Џеј Дворк од Универзитетот „Колумбија“. Во документот насловен како „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: Општи лекции за научна соработка меѓу земјите со различно богатство“ се зборува за научна соработка меѓу американски и македонски институции во областа на невропатологијата и психијатријата. Соработката започнала во 1996 година помеѓу Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и Институтот за судска медицина во Скопје. Главната цел била проучување на мозочните промени кај шизофренија и други психијатриски нарушувања, преку обдукции. Македонија била избрана затоа што имала висока стапка на обдукции и квалификувани лекари, но недоволно ресурси за истражување. Американската страна имала напредна технологија, но недостиг од примероци.

Во рамките на проектот, македонски психијатри и патолози добиле обука во САД за современи истражувачки методи. Со текот на времето, проектот се проширил и на истражување на самоубиства и нарушувања на расположението. Биле обезбедени меѓународни грантови што овозможиле финансирање, патувања, опрема и надоместоци за истражувачите. Соработката помогнала да се развие научната култура во Македонија и да се зајакне конкуренцијата за меѓународни истражувачки фондови.
Текстот опишува и предизвици, како чувство на „научен колонијализам“, административни пречки и недоволна традиција за меѓуинституционална соработка. Со текот на времето, овие проблеми биле надминати преку доверба, транспарентност и заеднички труд. Македонските институции постепено вовеле етички стандарди, истражувачки протоколи и меѓународни правила.
Проектот довел до собирање на десетици примероци на мозоци годишно и до развој на нови лабораториски методи. Резултатите биле користени во десетици научни истражувања во повеќе земји. Македонија добила нова опрема, лаборатории и меѓународен углед во науката. Истражувачите, исто така, објавиле повеќе научни трудови во странски списанија.
На крај, авторите даваат препораки за идни слични проекти во други балкански земји. Главната порака е дека успешната меѓународна соработка мора да биде корисна за сите страни и да гради локален научен капацитет.
Улогата на Росоклија и Дума
Во документот се спомнуваат и Горазд Росоклија и Алексеј Дума. Горазд Росоклија е означен како GR (еден од авторите кој често патувал во Македонија и ја координирал соработката). Алексеј Дума е означен како AD (директор на Институтот за судска медицина во Скопје).
Росоклија бил врската помеѓу Универзитетот „Колумбија“ и македонските институции, а Дума како директор на Институтот за судска медицина ја отворил вратата за проектот во Скопје. Како директор, Дума сакал Институтот да стане сериозно вклучен во научни истражувања, што било клучно за успехот на проектот. Росоклија лично решавал административни проблеми во Македонија, особено околу извозот на биолошки примероци – без него, проектот можел да пропадне.
Нивната работа придонела за воведување меѓународни етички стандарди, подобрување на истражувачките практики и зголемување на бројот на научни публикации. Документот покажува дека благодарение на оваа соработка, македонските научници (вклучувајќи го нивниот институт) почнале да добиваат меѓународни грантови и да објавуваат трудови.
Кој е Горазд Росоклија
Горазд Росоклија е научник во областа на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Колумбија“, Њујорк, САД.

Росоклија завршил три специјализации, и тоа по неврологија, невропатологија и психијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје. Своите невроимунолошки истражувања, како и истражувањата од областа на психијатријата и невропатологијата, ги продолжил на познатиот Универзитет „Колумбија“ во Њујорк, САД. Работејќи со светски познати стручњаци, Росоклија се афирмирал и се докажал во САД, а и пошироко како водечки истражувач на подрачјето на невропсихијатријата со потекло од Македонија. Од 1998 до 2005 година тој бил доцент по психијатрија, а од 2005 година бил номиниран за вонреден професор за клиничка психијатрија на Одделот за психијатрија при Колумбија Универзитетот во Њујорк.
Член е на Македонската асоцијација на невролозите и психијатрите од 1980 година, на Европското невролошко друштво од 1986 година, на Американската академија за неврологија од 1993 година, на Американската асоцијација на невропатолозите од 1996 година и на многу други асоцијации и истражувачки центри. Во јуни 2007 година Росоклија е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) надвор од работниот состав.
Во декември 2015 година, Росоклија беше именуван за претседател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Македонија.
