Членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, гостува во новото издание на емисијата „360 степени“ на МРТ 1

Ќе ја доживее ли кандидатката за уставна судијка Мери Дика судбината на Елизабета Дуковска? Дилемата се наметна откако Судскиот совет и по нов закон, изменет Деловник и со нов оглас, спроведе постапка што остави простор за двоумење – дали има основа да се поведе управен спор и да се проблематизира начинот на кој Дика беше утврдена за кандидатка.
Спорни беа две години стаж на Елизабета Дуковска како уставна судијка, коишто мнозинството сметаше дека не треба да се земат предвид во судискиот стаж што го бара законот за да може да се биде кандидат за уставен судија. А по новиот закон, потребни се 20 години судиско искуство.
Сето ова следуваше откако прво Судскиот совет, со заклучок, а не одлука донесена на седница, ѝ наложи на комисијата да ја цени само навременоста и комплетноста на пријавите, а не и исполнетоста на условите, иако во Деловникот јасно се наведува дека таа комисија треба да ја оцени и исполнетоста на условите.
Сузана Јошевска-Анастасовска, која беше членка на оваа комисија, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, појасни дека не го потпишала извештајот, оти не се согласувала со ставот комисијата да не ја оценува и исполнетоста на условите.
Јошевска-Анастасовска: За јавноста да објаснам, носењето на заклучокот е чисто правно прашање и има детали кои не се можеби за јавноста многу важни. Но, сметав во дадениот момент дека комисијата има задача согласно која ја дава Деловникот и дека ние не треба да правиме како Судски совет никакви интервенции во таа задача дадена од Деловникот. Мнозинството ценеше поинаку и затоа јас на седница прокоментирав дека во носењето на заклучокот не сум учествувала и од тие причини не можам ни извештајот да го потпишам. Е сега, дали тоа ќе произведе правни последици кои можат да доведат до управен спор, односно до успешно завршен управен спор, не би можела да коментирам бидејќи, како што кажав, јас во основа не учествував во такво донесување на тој заклучок.
360°: Тука спорно е тоа што Судскиот совет со заклучок ѝ наложи на комисијата да не ја цени и исполнетоста на условите, и второто – зошто да не ги цени кога Деловникот го кажува тоа? Елизабета Дуковска остана без судиското место поради процедурален пропуст. Сега ќе биде интересно да се види како ќе заврши овој случај.
Јошевска-Анастасовска: Мнозинството членови сметаат дека не се направил пропуст, бидејќи на следната седница кога се гласаше, членовите кога образложуваа зошто не гласаат за овој предлог (бидејќи по новиот закон мора да се даде усно образложение и „за“ и „против“), членовите образложија дека сметаат дека таа не ги исполнува критериумите. И според нив – значи тоа се истите кои го донесоа заклучокот – не е направено никаква прекршување бидејќи таа била ставена на гласање, гласал Советот и образложил зошто смета дека критериумите не се исполнети. Навистина ќе треба некој друг да цени, таа и нејзиниот правен тим, дали во дадениот случај има услови за управна тужба, а понатаму и судиите дали навистина процедурата е запазена.
За потсетување, Дуковска претходно беше избрана за уставна судијка од Собранието, како предлог на Судскиот совет. Но, шест месеци подоцна до Управниот суд стигна тужба од Антоанета Димовска, тогаш судија во Основниот граѓански суд Скопје. Во неа таа се жалеше дека кога Судскиот совет ја утврдил Дуковска како предлог за уставен судија, со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца спомнати можни кандидати, меѓу кои била и таа.
По нејзината тужба, во мај минатата година Управниот суд ја поништи одлуката на Собранието од 10 април 2023 година за избор на Елизабета Дуковска за судијка во Уставниот суд.
По пресудата на Управниот суд, Дуковска беше „одјавена“ од Уставниот суд, а Судскиот совет објави нов оглас за избор на уставен судија.
Јошевска-Анастасовска: Само за контекст да образложам како било претходно, ако сега не може. Претходно законот бараше 15 години искуство. Новиот закон бара 20-годишно искуство. Таму има и една друга специфика – таа се пријавува по новиот закон, а претходно смета дека не е довршена постапката и по стариот закон, бидејќи одлуката од Управниот суд е поништување на одлуката на Собранието, што, според толкување кое го прочитав во јавноста од нејзина страна, значи дека треба – и таков допис е доставен до Судскиот совет – постапката по стариот закон да се врати во Судскиот совет и повторно за неа да се гласа, односно да се исправат сите недостатоци. Тоа било пред јас воопшто да дојдам. Кога дојдов јас, беше отворен овој нов оглас и по новиот таа треба да исполнува 20 години, како што кажавте, заради двете години кои била во Уставниот суд…
360°: Патем, конкурира да биде уставна судијка, а не ѝ се земаат предвид годините поминати токму во Уставниот суд.
Јошевска-Анастасовска: Да. И на јавната седница мојот став беше дека без оглед – не смееме ригидно да ја читаме оваа одредба, бидејќи сметам дека одредбите треба да служат на процесот, а не процесот на одредбите, и дека двете години како уставен судија не може да ѝ бидат хендикеп, можат само да ѝ бидат придонес.
Случајот предизвика внимание во јавноста. Се реагираше дека Деловникот на Судскиот совет јасно предвидува дека комисијата се формира за да се оценува навременоста на пријавите и исполнетоста на условите. Одредени експерти излегоа со став дека така спроведената процедура отвора простор за управен спор.
