Над морето биле регистрирани 7 850 електрични празнења, а другите 1 466 биле на копно

Дожд, кој во одредени делови достигнал и над 100 литри на квадратен метар, и над 9 000 електрични празнења биле регистрирани во текот на вчерашниот ден во Грција, според податоците од Националната опсерваторија на Атина и порталот „Метео“.
Според мрежата на автоматските метеоролошки станици на Националната опсерваторија, најголемите количини врнежи биле регистрирани во источниот дел на областа Тесалија, како и во северниот дел на Пелопонез и во Северна Грција.
Податоците од метеоролошкиот сателит „Метеостат-12“ покажуваат дека невремето било придружено и од вкупно 9 316 електрични празнења, пред сè, во морските, островските и во крајбрежните области.
Над морето биле регистрирани 7 850 електрични празнења, а другите 1 466 биле на копно.
Невремето што вчера ја зафати Грција создаде проблеми во одредени делови на земјата, а превентивно беа испратени и неколку пораки од бројот 112 за итни случаи за граѓаните да ги ограничат своите движења.
Денеска се очекува подобрување на временските услови низ поголемиот дел од Грција.
Невремето вчера, според грчката новинска агенција АНА-МПА, предизвикало поплави во близина на градот Лариса и на островите Санторини и Лемнос во Егејското Море и Кефалонија во Јонското Море.
