„Тоа е условот – да дојдат, но треба исто така во тие преговори да се согласат од веќе изминатиот со важност општ колективен договор да го тргнеме делот за плати, што и онака е збунувачки, и да се посветиме на овој договор“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски
Тој со сличен став излезе и вчера – за околу 7 800 работници што се дел од јавната администрација Владата е подготвена да се согласи со зголемување на платите од 40 отсто во период од 26 месеци, а од Синдикатот на УПОЗ рекоа дека тоа е, всушност, нивно барање старо една година

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека е подготвен за средба со Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) за потпишување на колективниот договор за државните службеници, но дека ќе мора да се согласат да се тргне делот за плати од општиот колективен договор кој, како што кажа, е збунувачки и за него ќе треба да се преговара.
„Јас сум секогаш подготвен за средба. Апсолутно можеме да договориме средба и немаше потреба од никакви јавни коментари поврзани со оваа тема кога јас многу јасно ова сум го предложил уште минатата година, само тогаш беше на четири рати бидејќи беше опфатена и 2025 година. Сега, бидејќи 2025 година е зад нас, остануваат три години, односно две години и два-три месеци (април 2026, 2027 и 2028). Тоа е условот – да дојдат, но треба исто така во тие преговори да се согласат на веќе изминатиот од важност општ колективен договор, да го тргнеме делот за плати што и онака е збунувачки, и да се посветиме на овој договор, да го финализираме и во рамки на тие две години да се договориме и за тој дел. Ние сме подготвени да преговараме“,
изјави Мицкоски.
Вчера Мицкоски изјави дека за околу 7 800 работници што се дел од јавната администрација Владата е подготвена да се согласи со зголемување на платите од 40 отсто во период од 26 месеци, а од Синдикатот на УПОЗ рекоа дека тоа е, всушност, нивно барање старо една година.
„УПОЗ, за оној мандат што ми е даден мене од членовите на УПОЗ, го прифаќа овој предлог. И овој предлог беше прифатлив уште пред година дена. А зошто се чекаше година дена, тоа некој друг треба да одговори. А уште поприфатлив е новиот предлог, ако можам да се изразам така, за две години администрацијата и правосудството да добијат 40 отсто. Понеделник, вторник, среда – кога му одговара на премиерот и кога им одговара на министрите, да се дојде и да се потпишат овие колективни договори и да ја завршиме оваа голгота бидејќи административците и колегите од правосудството имаат најниски плати во државната и во јавната администрација“,
изјави вчера претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Засега останува неизвесно дали ова потенцијално решение ќе повлече решавање и на барањето за зголемување на минималната плата и за растот на другите плати.
Во средата во Скопје се одржа протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тогаш беа најавени блокада на Собранието и други институции, како и генерален штрајк како следни чекори.
