Дополнителната заменичка министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „Фактор“ тврди дека самата министерка за финансии, Нина Ангеловска, со писмо ја известила Светска банка дека итниот поволен кредит од оваа меѓународна финансиска институција од 90 милиони евра ќе биде повлечен по завршувањето на парламентарните избори во земјава, кои ќе се одржат на 15 јули.
Според неа, и покрај тоа што во петокот минатата недела Државната изборна комисија донела одлука дека овој заем Ангеловска може и самата да го потпише и парите да се повлечат без потписот на дополнителната заменичка Кочоска, министерката самата со писмо ја известила Светска банка дека кредитот треба да се повлече по изборите.
Како што е познато, станува збор за поволен заем од 90 милиони евра наменет за земјава за справување со корон-кризата, но Кочоска одбиваше да го потпише, со образложение дека Владата нема силни аргументи за намената за која ќе бидат потрошени парите.
За ова Кочоска беше критикувана од Владата дека одолговлекува земање поволен кредит кој сега за земјава е нужно потребен за големите здравствени потреби, но и за помош на стопанството и граѓаните погодени од економските последици од кризата.
„На овие критики најмногу би одговорила со писмото на министерката за финансии испратено до Светска банка, а кое го добив пред два дена, каде што таа кажува дека иако ДИК одлучи дека министерката може и без мој потпис да го потпише кредитот со СБ, таа сепак испрати писмо до СБ и кажа дека нема да го потпише кредитот и ќе го остави за по изборите“,
вели Кочоска во интервју за „Фактор“.
