Оттаму додаваат дека проблемот не е во самите превентивни прегледи, туку во недостигот на јасно дефиниран сет услуги што треба да биде покриен со капитација што ја плаќаат пациентките преку здравственото осигурување
Здружението на приватните гинеколози и акушери денеска побара од Министерството за здравство (МЗ) и од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) да седнат и да разговараат, со цел да се дефинираат услугите што им следуваат на пациентките според договорените обврски.

Лекарите велат дека се соочуваат со сериозни проблеми поради недефинирани стандарди и нејасни договорни обврски, што создава хаос и неправедно ја префрла одговорноста врз нив наместо институционално да се уреди.
„Недефинирани се стандардите за бројот на потребни прегледи, како и за индикациите за прегледи. Има многу прегледи на барање на пациентките, надвор од стандардите. Постојат медиумски промоции дека сите прегледи се бесплатни, а оваа правна и договорена нејасност со години создава различни толкувања и ја става одговорноста неправедно врз лекарите“,
соопштија од Здружението на денешната прес-конференција пред МЗ.
Оттаму додаваат дека проблемот не е во самите превентивни прегледи, туку во недостигот на јасно дефиниран сет услуги што треба да биде покриен со капитација што ја плаќаат пациентките преку здравственото осигурување.
„Ниту давателите на здравствени услуги ниту нашите пациентки имаат јасна слика за правата и обврските. За таа цел испративме барање до Министерството и Фондот. Од МЗ бараме да изготви клинички упатства, кои ќе значат и системско подигнување на стандардите за примање и давање примерна здравствена заштита на ниво до европските стандарди. А од ФЗО ревидирање на постојниот договор со имплементација на сет услуги според упатствата од МЗ“,
велат лекарите.
Од Здружението бараат итно отворање дијалог со надлежните институции, со цел ревидирање на постојниот договор и воспоставување транспарентен и одржлив систем во интерес на примарното здравство и пациентките.
