Дел од присутните реагираа дека настанот е ризичен по здравјето поради големиот број луѓе кои се во затворена просторија
Десетици луѓе во една просторија. Маски се носеа, но дистанца тешко се држи. Ваква беше сликата од салата на Државната изборна комисија пред почетокот на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори на подносителите на листи за предвремените избори за пратеници.

Присутни беа претставници на повеќе партии, членови на ДИК и новинарски екипи. Дел од присутните реагираа дека настанот е ризичен по здравјето поради големиот број луѓе кои се во една затворена просторија.
Затоа, новинарските екипи се повлекоа и изјавите по потпишувањето на Кодексот ги чекаа на терасата на Државната изборна комисија.

Потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори е обврска која произлегува од Изборниот законик. Денешниот настан беше во организација на Државната изборна комисија. На влезот во ДИК беа поставени средства за дезинфекција и заштитни маски, а во салата за потпишување за гостите има столчиња поставени на дистанца. Откако настана метежот, ДИК ги повикуваше претставниците на партиите еден по еден да влегуваат во салата за да го потпишат Кодексот.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, најави дека Комисијата технички се подготвува за наредните седници да можат да се следат онлајн, а и новинарите да можат да поставуваат прашања преку онлајн-платформа.
ДИК е задолжена изборите да ги спроведе според стручните препораки на Комисијата за заразни болести, со цел чинот на гласање да не стане и чин за ширење на ковид-19.
