Руските сили окупираат големи делови од територијата во регионот Запорожје, каде што од неодамна напредуваат. Тоа е еден од четирите украински региони за кои Русија тврди дека ги анектирала откако ја почна инвазијата на Украина во 2022 година
Две жени на возраст од 26 и 50 години и 62-годишен маж загинаа во напад со руски дрон врз Запорожје, соопштија украинските итни служби, додавајќи дека една зграда е уништена, а неколку други се оштетени.

Итните служби објавија фотографии на социјалните мрежи од зграда срамнета со земја и пожарникари кои се борат со голем пожар.
Во последните 24 часа Русија извршила вкупно 841 напад врз 34 населени места во регионот, изјави гувернерот Иван Федоров.
Руските сили окупираат големи делови од територијата во регионот Запорожје, каде што од неодамна напредуваат. Тоа е еден од четирите украински региони за кои Русија тврди дека ги анектирала откако ја почна инвазијата на Украина во 2022 година.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта лансирала 105 дронa, од кои 84 биле соборени.
Украина и Русија се состанаа минатата недела во Абу Даби на мировни преговори под посредство на САД, а дополнителни средби се очекуваат в недела.
Руски дронови повторно го погодија и јужниот пристаништен град Одеса, што предизвика голем пожар во индустриски погон, соопшти гувернерот Олех Кипер на Телеграм.
Кипер рече дека во нападот се оштетени складишта, производствени згради и камиони, додавајќи дека никој не е повреден.
Градот Одеса и околниот регион во последните месеци повеќепати беа цел на Москва, која го засилува притисокот врз украинските поморски извозни артерии како одмазда за нападите на Киев врз нерегулираните нафтени танкери кои пловат кон Русија.
Бројот на загинати во ноќниот напад на Одеса од вторникот се искачи на четири, рече Кипер, откако постар маж починал во болница од здобиените повреди.
Руските официјални лица не ги коментираа нападите. И Москва и Киев негираат дека целат цивили во оваа војна која трае речиси четири години.
