Од Собранието не ги откриваат имињата на кандидатите, но, како што дел од пријавените и сами потврдија, станува збор за актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска; обвинителката Ленче Ристоска; судијата во Основниот кривичен суд Скопје, Ненад Савески; поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски, и обвинителката од скопското Основно јавно обвинителство, Лидија Раичевиќ
И официјално петмина кандидати се пријавени на огласот на Собранието за избор на државен јавен обвинител на Република Северна Македонија, а нивните кандидатури денеска се пратени во Владата, соопштија од собраниската прес-служба.

Оттаму не ги откриваат имињата на кандидатите, но, како што дел од пријавените и сами потврдија, станува збор за актуелната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска; обвинителката Ленче Ристоска; судијата во Основниот кривичен суд Скопје, Ненад Савески; поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски, и обвинителката од скопското Основно јавно обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на темата, вчера изјави дека во однос на изборот на нов државен јавен обвинител, Владата ќе го каже својот став откако за тоа ќе се произнесе Советот на јавните обвинители.
„Сега постапката е да се произнесе Јавното обвинителство, односно Советот на јавните обвинители. Да почекаме тие да се произнесат, а потоа Владата ќе излезе со свој став“,
рече Мицкоски.
Претходно, кандидатура за функцијата најави и поранешниот виш јавен обвинител на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, но сепак, објави МИА во понеделникот, тој се откажал од намерата.
Еден од петтемина пријавени кандидати би требало да го наследи Љупчо Коцевски, кој лани во декември си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, непосредно пред почетокот на собраниската седница на која пратениците требаше да расправаат и да гласаат по предлогот на Владата за негово разрешување.
По оставката, на негово место како в.д. државен јавен обвинител Советот на јавните обвинители ја назначи обвинителката Тополова-Исајловска, која, според законот, не може да биде на позицијата в.д. шеф подолго од шест месеци.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што Собранието го распиша на 12 јануари годинава, со рок за пријавување на заинтересираните од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“.
Според критериумите, кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена.
Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
Според актуелниот Закон за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител се избира со апсолутно мнозинство, што значи дека кандидатот треба да ја добие поддршката од 61 пратеник.
