Во истрагата, според првичните неофицијални информации, се опфатени физички лица и правни субјекти, односно фирми, а меѓу осомничените наводно има и вработени во државни институции и претпријатија
Полицијата синоќа спровела акција во Скопје, во рамки на истрага за сериозен финансиски криминал, при што биле извршени претреси на повеќе локации, а има информации и за приведени лица.

Повикувајќи се на полициски извори, дел од медиумите објавија дека акцијата била спроведена од припадници на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од МВР за телевизијата Сител ја потврдиле информацијата дека е спроведена акција и дека повеќе детали за што конкретно станува збор се очекуваат во текот на денот.
Неофицијалните информации говорат дека станува збор за истрага за финансиски злоупотреби поврзани со наплатата на надоместоци при регистрација на возила. Наводно постојат сомневања дека преку лажирани извештаи и уплатници биле прикривани и пренасочувани парични средства.
Во истрагата, според првичните неофицијални информации, се опфатени физички лица и правни субјекти, односно фирми, а меѓу осомничените наводно има и вработени во државни институции и претпријатија.
Едно од лицата, како што објавија Сител и „Прес 24“, повикувајќи се на свои извори, е вработено во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Според неофицијалните информации, акцијата, наводно, била забрзана откако еден од главните осомничени се обидел да ја напушти државата, по што истражните органи започнале со реализација на случајот.
Првичните информации говорат дека финансиската штета се проценува на над 13 милиони денари, односно околу 212 000 евра.
