На билатералната средба во Скопје, министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и на Албанија, Панче Тошковски и Албана Кочиу, договориле тимови од двете држави да работат на документацијата и на сите придружни активности потребни за пуштање во употреба на системот за заедничка гранична проверка
До почетокот на летната сезона ќе биде имплементиран систем за заедничка гранична проверка со Албанија – изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по средбата со својата албанска колешка Албана Кочиу, која е во официјална посета на земјава. На билатералната средба, Тошковски и Кочиу договориле тимови од двете држави да работат на документацијата и на сите придружни активности потребни за пуштање во употреба на овој систем.

„Сметам дека пред почетокот на летната сезона би можеле да го имплементираме системот ‘Оne stop shop’ со Албанија и да ги затвориме државите кои не се дел од Европската Унија со еден побрз трансфер на граѓаните што ќе ги намали чекањата на нашите граници“,
изјави Тошковски на заедничката прес-конференција со Кочиу.
Министерката за внатрешни работи на Албанија порача дека олеснувањето на движењето на граѓаните и товарниот транспорт е од големо значење и дека практичните мерки, како модернизацијата на граничните процедури, директно го олеснуваат животот на граѓаните и придонесуваат за економска соработка.
„Со колегата Тошковски разговаравме за што побрзо да проработи моделот ‘One stop shop’, контролата да биде унифицирана и системот да продолжи да работи како на останатите гранични премини“,
порача албанската министерка додавајќи дека денешната средба е продолжение на досегашната соработка меѓу двете земји.

Освен за имплементација на системот за заедничка гранична проверка, Тошковски информира дека на средбата со Кочиу било разговарано и за унапредување на Центарот за меѓугранична соработка на границата со Албанија, односно за неговиот развој, зголемувањето на капацитетите и надлежностите со цел подобрена оперативна соработка.
„Разговаравме и за можноста граничниот премин Џепиште-Требиште во иднина да функционира 24/7 во текот на годината, со тоа што ќе им овозможиме на граѓаните и од едната и од другата страна да имаат подобра комуникација, да остваруваат поголем број услуги“,
додаде министерот за внатрешни работи.
Министерката за внатрешни работи на Албанија го покани Тошковски да ја посети Тирана со цел продолжување на разговорите и финализирање на договорените мерки.
